Историската белетристика и драма е навистина популарен жанр поради тоа што ни овозможува да ѕирнеме во различни историски периоди, да сведочиме на историски настани и да погледнеме во еден друг свет, без оглед дали станува збор за целосно измислени приказни или засновани на вистински приказни. Доколку сте љубители на овој жанр, денес на блогот можете да ги ѕирнете денешните предлози за читање токму од овој жанр.
„Очи од сребро, очи од злато“ – Елен O’Конел

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Опис: Ова е одлична книга за оние што истовремено сакаат историски романи, но и љубовни приказни. Се работи за историска драма, сместена во САД во 19 век и ги покажува маките и страдањата на луѓето што се сметале за поразлични, но и позицијата на жените што најчесто биле сметани за сопственост на своите татковци и сопрузи.
Книгата почнува кога Ен Велс, младата и бунтовна девојка бега од дома затоа што не сака да го прифати човекот што нејзиниот татко одлучил дека таа треба да го земе за сопруг. Таа се крие во шталата на Корд Бенет, кој во нивното место се смета за отпадник, затоа што неговата мајка е Индијанка и во тоа време мешаните бракови, особено меѓурасните бракови се сметале за срам и грев. Па така, таткото на Ен збеснува кога ја наоѓаат кај Корд Бенет и го претепуваат речиси до смрт, а пред тоа изведуваат „присилна свадбена церемонија“ со која ја венчаат Ен со Корд, верувајќи дека тој ќе умре од тепањето.
Но, Ен успева некако да го спаси и тие двајца полека се заљубуваат еден во друг и решаваат да почнат заеднички живот. Но, како што набрзо ќе разберат, покрај силната врска и љубовта, има многу други работи што им стојат на патот, особено затвореноста и малограѓанштината, но и опасноста што демнее од нејзиниот татко и брат. Книга која брзо ќе ја прочитате и дефинитивно ќе ве трогне и ќе направи да навивате за љубовта.
„Дејзи Џонс енд Д сикс“ – Тејлор Џенкинс Рејд

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Опис: Ова ќе биде многу интересна книга за љубителите на хипи-културата, рокенролот и бунтовноста на шеесетите и седумдесеттите години на 20 век. Раскажана во документарна форма, односно преку интервјуа со сите засегнати страни, оваа приказна го прикажува подемот и падот на една од најпопуларните (фиктивни) групи во САД, Дејзи Џонс анд Д Сикс.
Дејзи Џонс е млада и бунтовна девојка која сонува да направи кариера во музиката и на почетокот ја дознаваме нејзината приказна, но паралелно на неа ја дознаваме и приказната на Били Дун, фронтменот на групата Д Сикс, и создавањето на неговата група. Во еден момент патиштата на Дејзи Џонс и групата се вкрстуваат и создаваат нешто уникатно во музичката историја. Но, сето тоа доаѓа со голема цена.
Овој роман ја прикажува и мрачната страна на славата и уметноста, цената што треба да се плати за музичката бесмртност и се обидува да го пронајде одговорот на тоа дали навистина вреди сето тоа. Интензивна и емотивна, особено поради документарниот формат, читателот има чувство како навистина да присуствувал на тие сцени, а фактот дека членовите на бендот и сите вклучени раскажуваат за работите многу години подоцна, прави сето искуство да делува автентично.
Има одредени празнини и недостатоци, но во принцип се работи за интензивна книга што нема да сакате да ја пуштите од рака.
„Патеката на слоновите“ – Роберт Стендиш

Издавачка куќа: БАТА ПРЕС
Опис: Ова е одлична книга за оние што сакаат историски романси, раскошни описи и драматични пресврти. Сместена на почеток од 20 век во британската колонија Цејлон, Џорџ Кели е земјопоседник кој го наследил своето богатство и имот од својот татко Том Кели, кој пак, од своја страна го гради раскошниот имот и куќа на таканаречената Патека на слоновите, која во втората половина на 19 век била позната како собиралиште и место по кое се движеле слоновите. Сите негови работници го предупредуваат Том Кели да не го прави тоа и да не го гради своето бенгало таму, бидејќи слоновите имаат долго помнење и тоа може да му донесе несреќа, но Том Кели ги игнорира советите и таму го гради својот дом и бизнис кои потоа ги наследува неговиот син.
Растејќи без мајка и со отсутен татко, Џорџ Кели го живее својот живот безгрижно, дружејќи се со своите пријатели ергени, далеку од вообичаените услови и околности, навикнат да живее онака како што живеел својот татко, без воопшто да размисли да воведе промени и да се движи според модерните текови. Но, тоа се менува кога оди назад во Англија каде ја запознава Рут, прекрасна млада дама која го шармира и тој ѝ предложува брак. Иако повозрасен од неа, на Рут ѝ годи неговото внимание и тоа го гледа како одлична можност да избега од својот сиромашен и мизерен живот. Таа со нејзиниот брак добива и повеќе отколку што може да замисли, но со тоа доаѓа и голема осаменост и тешкотија да се прилагоди на новите услови и на огромната куќа во која се чини дека времето застанало од времето на Том Кели. Таа се труди да внесе промени, но наскоро сфаќа дека тоа не е баш толку лесно, а работите дополнително се комплицираат кога ќе го запознае Џофри Вилдинг, младиот и атрактивен маж кој се грижи за голем дел од работите на имот.
Интересна книга, со убави описи и навлегува во сосема различни култури, личности и карактери и ќе ја прочитате за брзо време.
„Маската од Венеција“ – Розалинд Лејкер

Издавачка куќа: МАТИЦА
Опис: Ова е одлична книга за сите што сакаат историски драми во кои има љубов, страст и многу интриги. Дејството во книгата се одвива во Венеција од 18 век, времиња на политичка нестабилност, но и декаденција и несигурност. Во тие времиња живее и Мариета, која млада останува без својата мајка и расте во дом за сирачиња, што истовремено е и музичко училиште за девојчиња и која копнее за живот полн со авантури и љубов. Таму ја запознава Елена, нејзината најдобра другарка. Тие две постојано си даваат поддршка една на друга, дури и кога животот им приредува тешки удари.
Во еден момент Елена е принудена да се омажи за еден суров благородник од семејството Челано, додека Мариета стапува во брак со Доменико, член на семејството Торизи, најголемите ривали на семејството Челано, кои се врзани во најголема омраза и неподносливост. Од една страна, пријателството на Мариета и Елена е ставено на тест, но од друга страна, овие две млади жени мораат да се потпрат на себеси и една на друга за да ги преживеат сите превирања, особено откако Доменико завршува во затвор поради сплетките на семејството Челано.
Одлично напишана книга, ќе ве држи во неизвесност, иако првата половина на романот е малку поинтересна и позабавна од втората, но ликовите се интересни, темата е добро разработена, а секако тука се легендарните маски по кои Венеција и денес е препознатлива, а кои во тие времиња се покажуваат како клучен симбол на слободата, анонимноста, но за двете пријателки тие стануваат и нешто многу повеќе од тоа.
„Слепиот убиец“ – Маргарет Атвуд

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Опис: Маргарет Атвуд секогаш знаела да навлезе во заплетканите човечки односи и судбини и да ги изложи на еден неверојатен начин кој прави целосно да се внесете во она што го читате, а овојпат отишла и еден чекор подалеку. Се работи за една многу интересна книга, напишана на еден мошне необичен начин. Најпрво дознаваме дека младата Лора Чејс со своето возило излетала од еден мост, набрзо по крајот на Втората светска војна. Потоа читаме неколку новинарски написи и одеднаш навлегуваме сосема друга приказна насловена како „Слепиот убиец“. Всушност, „Слепиот убиец“ е првиот и единствен роман на Лора, издаден по нејзината смрт.
Нејзината сестра Ајрис Грифин, веќе во поодминати години, размислува многу за минатото и всушност се присеќава на нејзиниот живот и животот на нејзината сестра. Започнувајќи уште кон крајот на 19 век, па потоа и навлегувајќи во 20 век, како и големите потреси од тоа време, како Прва и Втора светска војна, ние сведочиме на подемот и падот на едно значајно семејство од Канада, семејството Чејс, како и животите на единствените две наследнички на она што некогаш било империја, а кое полека почнало да се руши.
Романот се движи меѓу сеќавањата на Ајрис и научно-фантастичниот роман „Слепиот убиец“ на Лора Чејс, всушност двете постојано се испреплетуваат. Она што е навистина интересно и забележително е тоа што во овој концепт на „роман во роман“, Атвуд ги соголува и открива своите ликови, нивните несигурности, нивните внатрешни животи, замрсените човечки односи и сето она што значи да се биде човек. Ликовите често се недопадливи, иритантни, но мислам дека тоа можеби и најмногу ми се допадна во овој роман, бидејќи сета приказна и пишување се искрени и директни, без романтизирање и зашеќерување.
