Се ближи летото, а тоа значи период на одмори и многу читање книги. Но, понекогаш ни треба одмор и од читање, па не е лошо човек и да седне пред телевизор и да гледа некој добар филм и серија. Па така, денес на блогот можете да прочитате три предлози за филмови кои сметам дека би им се допаднале на љубител(к)ите на книги. Како и досега, некои од нив се екранизации, некои се поврзани со писатели/книги, а некои едноставно по тематиката (претпоставувам дека) би им се допаднале на љубител(к)и на одреден книжевен жанр.
Вториот поротник (2024)

Каде може да го гледате: ХБО, НЕТФЛИКС
Опис: Ова е одличен филм за љубителите на добри драми и убави приказни. Режисер на филмот е легендарниот Клинт Иствуд, со одлична актерска екипа. Џастин и неговата сопруга го очекуваат нивното прво дете, но тој е повикан да биде поротник во едно судење каде еден маж е обвинет дека ја убил својата девојка по една расправија. Судењето завршува и сега поротниците треба да одлучат дали е виновен или не. Сите во принцип сметаат дека тој е виновен, но Џастин e единствениот кој јавно искажува дека има сомнежи. Што се крие зад тие сомнежи? Дали ќе надвладеат емоциите или разумот? Се работи за една добра драма, која мислам дека ќе им се допадне и на оние на кои им се допадна претставата „12“, која се прикажува во Македонскиот народен театар, бидејќи од одреден аспект тематиката е слична, но ќе им се допадне и на оние што ја прочитале книгата „13“ од Стив Кавана, иако приказните сами по себе се различни и овој филм не е трилер, но има одредени допирни точки па така мислам дека ќе им се допадне на оние што ја читале книгата. Одлично напишан, одглумен и изрежиран филм, ќе ве држи заинтересирани до самиот крај за да погодувате што е всушност вистината и дали навистина правдата победува на крај.
Збогум Кристофер Робин (2017)

Каде може да го гледате: ХБО
Опис: Повеќето од нас пораснаа со мечето Вини Пу и неговата дружина. Почнувајќи од самата книга, па сѐ до анимираните екранизации, серии и филмови, речиси нема човек на планетава кому Вини Пу не му бил дел од неговото детство. Но, како дошло до тоа да се создаде оваа приказна и овие толку сакани ликови? Филмот „Збогум Кристофер Робин“ дава одговор токму на тоа прашање. Ален Александер Милн (А.А.Милн) е млад писател, кому му се превртува животот откако ќе го испратат во рововите на Првата светска војна. Тој се враќа назад, но тешко му е да се прилагоди на секојдневниот живот и токму тогаш му се раѓа и неговиот син Били Мун. Потоа тие се преселуваат во една куќа на село каде Били Мун ужива во природата заедно со неговите омилени играчки (мече, тигар, магаре). А.А.Милн се соочува со писателска блокада и тој минува повеќе време со својот син, време кое создава една силна врска меѓу таткото и синот, но истовремено и го инспирира младиот Милн да создаде една приказна за деца. Со тоа доаѓа и светската слава, но дали тоа значи повеќе среќа и како тоа влијае на односот на таткото и синот? Одличен филм со одлична глума, освен што дознаваме повеќе детали за тоа како се создале некои од најкултните ликови во детската книжевност, ова е сепак приказна и за ужасите на војната, вредноста на семејството и што може да направи фантазијата.
Предностите на еден молец (2012)
Каде може да го гледате: НЕТФЛИКС
Опис: „Предностите на еден молец“ е еден одличен филм кој е екранизација на истоимениот роман на Стивен Чбоски, кој веќе беше препорачан на блогот. Се работи за еден постар филм од 2012 година, но неодамна Нетфликс повторно го поставија на својата платформа па решив повторно да го гледам и тоа ме инспирираше и да ви го препорачам и вам доколку не сте го гледале. Приказната се фокусира на Чарли, едно младо момче кое е многу срамежливо и повлечено и по еден тежок период се враќа назад во училиште. Но, тој нема пријател(к)и и тешко се опушта со луѓе. Но, по сплет на околности тој се запознава со Сем и Патрик кои го прифаќаат и го внесуваат во нивниот социјален круг. Тука Чарли се чувствува како конечно да си ги пронашол своите луѓе и своето место. Чарли исто така наоѓа утеха и прибежиште во книгите што ги чита и поттикот што неговиот професор по англиски јазик и книжевност му го дава. Професорот Андерсон постојано му дава книги и го поттикнува да пишува и Чарли почнува сериозно да размислува да стане писател. Одлична приказна за созревањето, траумата, заедништвото и пријателството, приказна што ќе ве расплаче, но и замисли, а во филмот често се спомнуваат и книги, па можеби ќе си најдете и инспирација за читање.
