Во март ќе излезе новиот роман на Казуо Ишигуро!

Казуо Ишигуро е еден од најпознатите современи писатели, најпознат по неговите романи „Никогаш не оставај ме“, „На крајот од денот“ и „Клара и сонцето“. За своите неверојатни приказни, тој во 2017 година ја доби и Нобеловата награда за книжевност. По речиси шест години откако го издаде романот „Клара и сонцето“ (2021), тој следната година ќе се врати со нова приказна и нов роман!

(Извор: Официјалната страница на Казуо Ишигуро на Фејсбук)

Издавачката куќа „Алфред А. Кнопф“ минатиот вторник објави дека новиот роман на Ишигуро насловен „Госпоѓица Ламберт зачекорува во опасноста“ ќе биде објавен на 9 март 2027 година и дека дејството е фокусирано на средбата меѓу мистериозната главна хероина и еден страстен љубител на музичките изведби во Лондон во 1938 година, една година пред почетокот на Втората светска војна. Издавачот и главен уредник на „Кнопф“, Џордан Павлин, го опишува романот како спој на шпионска фикција и духовитоста по која бил познат П. Г. Вудхаус.

„Се чувствува опиплива радост во авантурите на ликовите во романот, во нивната вродена добрина и неодоливите херојски постапки, во нивната невиност и живост, кои буквално ги тераат да запеат“, се наведува во изјавата на Павлин. „Го предизвикувам секој читател да одолее на шармот на госпоѓица Ламберт.“

Филмската екранизација на неговиот роман „Клара и сонцето“, во режија на Таика Ваитити, со Ејми Адамс и Џена Ортега во главните улоги, ќе започне да се прикажува во кино-салите ширум светот во октомври 2026 година. Кога сме веќе кај филмски остварувања, Ишигуро можеби немаше објавено книга повеќе од шест години, но тој беше прилично зафатен и со други остварувања, имено го напиша сценариото за филмот „Да се живее“ и беше номиниран за Оскар.

Извор: Асошиејтед прес (Associated Press).

Leave a comment