Водич низ Струшките вечери на поезијата 2026: Што не треба да пропуштите?

Утре започнува 65. издание на Струшките вечери на поезијата, кое годинава се одржува од 24 до 29 јуни под мотото „Каде што живее поезијата“, и повторно носи богата програма со поетски читања, разговори, книжевни промоции и свечени церемонии. Струшките вечери на поезијата се еден од најзначајните поетски фестивали во светот и некои од најреномираните светски поети ја имаат добиено оваа награда (Види: Познати книжевници за кои можеби не сте знаеле дека се добитници на „Златен Венец“ на „Струшките вечери на поезијата“!) Во продолжение прочитајте повеќе за програмата и настаните и доколку сте во Струга, дефинитивно треба да посетите некои од нив.

(извор: Струшки вечери на поезијата)

Не пропуштајте го свеченото отворање

    Ако никогаш не сте биле на Струшките вечери на поезијата, токму тука треба да започнете. Читањето на „Т’га за југ“ на Константин Миладинов не е обична традиција. Тоа е момент што ги поврзува почетоците на фестивалот со неговата современа, меѓународна приказна. Отворањето започнува на 24 јуни од 20.30 часот во Домот на поезијата „Браќа Миладиновци“, по што следи меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“. Годинава тоа носи и особено значење, бидејќи на 24 јуни 1861 година во Самобор, во близина на Загреб, Хрватска бил објавен „Зборникот на народни умотворби“ од браќата Миладиновци, што значи дека датумот на отворањето се поврзува со мегазначаен јубилеј – 165 години од објавувањето на „Зборникот“.

    Запознајте ја добитничката на „Златниот венец“

    Годинава најголемото фестивалско признание, наградата „Златен венец“, ќе ѝ биде врачено на Анеке Брасинга, една од најзначајните современи холандски поетеси и преведувачки, за „нејзиниот исклучителен придонес во современата европска и светска поезија, како и високите естетски вредности и влијанието на нејзиниот поетски опус.“ Доколку сте во можност да присуствувате на Струшките вечери на поезијата, ќе имате неколку можности да се запознаете и да слушнете нешто повеќе за неа. На 24 јуни, со почеток од 10 часот, во Паркот на поезијата ќе се одржи традиционалното садење дрво со добитничката на „Златниот венец“ и ќе има и поетско читање во нејзина чест, а потоа во 12.30 часот во „Пијано сала“ во хотел „Дрим“ ќе има и прес-конференција со Брасинга. На 27 јуни, во 10 часот, во „Пијано сала“ во хотел „Дрим“ ќе имате можност да испиете и едно поетско кафе со Анеке Брасинга, а подоцна, во црквата „Св. Софија“ во Охрид, со почеток до 20.30 часот ќе се одржи еден од најглавните настани, односно претставување на поетскиот портрет на овогодинешната лауератка на „Златниот венец“.

    Дознајте го добитникот или добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“

    „Браќа Миладиновци“ е исто така една од најзначајните награди на Струшките вечери на поезијата, покрај „Златниот венец“, а се доделува за најдобра поетска книга од македонски поет или поетеса објавена меѓу две изданија на СВП. Во финалниот избор годинава се најдоа „Меко трње“ од Марија Ангеловска, „Во куќата“ од Николина Андова-Шопова, „Длабок простор“ од Зоран Анчевски, „Првата ноќ и вториот рај“ од Сузана В. Спасовска и „Болна земја“ од Братислав Ташковски. На 25 јуни, со почеток од 9.30 часот, „Пијано сала“ во хотел „Дрим“ ќе има поетско читање на оние што влегоа во потесниот избор, а името на добитникот или добитничката ќе биде објавено на прес-конференција на 26 јуни, со почетокот од 12.30 часот, во „Пијано сала“ во хотел „Дрим“. Наградената книга, покрај парична награда, ќе добие и превод на англиски јазик, промоција и авторски портрет на следното фестивалско издание.

    Одвојте време за разговорите и настаните, а не само за читањата

    Многумина доаѓаат само на вечерните настани, но вистинското богатство на фестивалот често се случува преку ден. Промоциите на книги, разговорите за поезијата и преведувањето и средбите со авторите се местата каде што може да се слушнат приказни што никогаш нема да ги прочитате во нивните книги. Годинава ќе има и промоции на околу 14 книги, а целосниот распоред на настани можете да го погледнете тука, а ќе биде поставен и подолу во текстот.

    Следете ги и младите поети и поетеси

    Сите доаѓаат поради лауреатите, но Струшките вечери на поезијата отсекогаш биле место каде што се откриваат и новите книжевни гласови. Наградата „Мостови на Струга“, која се доделува на поет-дебитант во соработка со УНЕСКО, е добра можност да ги запознаете автор(к)ите за кои можеби ќе зборуваме во следните години.

    Меѓународното поетско читање „Мостови“ е „задолжителен“ настан за љубителите на поезија

    Еден од настаните што е „задолжителен“ за љубителите на поезија е „Мостови“, еден од завршните, но и еден од централните настани на Струшките вечери на поезијата. Се работи за меѓународно поетско читање на „Мостот на поезијата“ во Струга, кое годинава ќе се одржи на 28 јуни, со почеток од 20.30 часот, по кое ќе следува и официјалното врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“. Доколку сте во околина, дефинитивно не смеете да го пропуштите овој настан.

    Оставете време и за Струга

    Една од убавините на фестивалот е што не се случува само на сцената. Наутро можете да испиете кафе покрај Дрим, попладне да налетате на поет што штотуку излегол од промоција, а навечер повторно да седите во публика и да слушате стихови од друг крај на светот.

    За повеќе информации следете ја официјалната страница на Струшките вечери на поезијата на Фејсбук, а подолу можете да ја погледнете целосната програма и да си изберете на кој настан ќе сакате да присуствувате.

    Leave a comment