Ќе се снима екранизација на „Љубов, теоретски“ од Али Хејзелвуд!

Минатата година, љубителите на романите на Али Хејзелвуд се израдуваа кога слушнаа дека се подготвува екранизација на нејзиниот познат роман „Љубовна хипотеза“, кој стекна голема популарност и кај нас во Македонија, а беше препорачан и на блогот. Па така, деновиве излегоа уште две добри вести за љубителите на творештвото на Хејзелвуд: првата е дека филмот „Љубовна хипотеза“ ќе започне да се прикажува на 23 септември 2026 година на платформата „Амазон Прајм Видео“ (првото официјално промотивно видео можете да го погледнете тука), а втората е дека покрај „Љубовна хипотеза“, „Амазон МЏМ Студиос“ ги обезбеди филмските права и за нејзиниот роман „Љубов, теоретски“. Романот ја следи приказната за двајца ривалски физичари кои се вплеткуваат во свет исполнет со академски судири, лажни идентитети и неочекувана романса, а истиот беше препорачан и на блогот.

Во ексклузивната објава на филмскиот електронски магазин „Дедлајн“, филмот ќе го продуцира писателката Колин Хувер, авторка на романот „Ова завршува со нас“, заедно со својата партнерка Лорен Левин од продукциската куќа „Хартбоунс Ентертајнмент“, како и Макс Симерс и Танер Андерсон од „Меџик Аур Ентертајнмент“. Режијата и сценариото ѝ се доверени на Софија Алварес, која ќе го прилагоди романот за големото платно, а ќе биде и извршна продуцентка заедно со самата Хејзелвуд.

Проектот повторно ги обединува продуцентот Макс Симерс и режисерката Софија Алварес, кои претходно успешно соработуваа на првите два филма од популарната трилогија „До сите момци што ги сакав“ („До сите момци што ги сакав“ и „До сите момци што ги сакав: „П.С. Уште те сакам“), која исто така беше заснована на истоимениот популарен книжевен серијал за млади и беше неверојатен успех за Нетфликс. Таа исто така има големо искуство и љубов кон филмските екранизации, бидејќи нејзиното режисерско деби од 2022 година, „Заедно на патот“ („Along for the Ride“), беше засновано на романот на Сара Десен, а моментално работи на филмската екранизација на фантастичниот роман „Божествени ривали“ од Ребека Рос за „Парамаунт“. Продуцентот Макс Симерс од друга страна е најпознат по работата на трилогијата „До сите момци што ги сакав““, која се смета за еден од проектите што повторно ја популаризираше младинската романтична комедија и покажа дека стриминг-платформите можат успешно да изградат филмски франшизи.

Продукциската куќа „Хартбоунс Ентертајнмент“, веќе соработува со „Амазон МЏМ Студиос“ на филмот „Верити“, исто така заснован на роман на Колин Хувер, во кој главните улоги ги играат Ен Хатавеј, Дакота Џонсон и Џош Хартнет. Филмот треба да пристигне во кината на 2 октомври.

Извор: Deadline.

Leave a comment