Македонската поетеса и писателка Николина Андова Шопова во петокот на Струшките вечери на поезијата се закити со наградата „Браќа Миладиновци“ за нејзината стихозбирка „Во куќата“. Во нејзина чест денес на блогот читаме нејзини стихови и нејзината песна „Постојам и на друго место“.
Постојам и на друго место – Николина Андова Шопова
Постојам и на друго место
Таму цртам со гранче по земјата
и некој ме прикрива со дланката кога дува
за да не се угаснам
Таму не брзам никаде
кога излегувам од дома го оставам часовникот во пепелникот
заедно со копчињата, батериите и шрафчињата
Таму не се претворам во нешто што не сум
Немам штит, ниту чевли
и не крвавам од телото туку од други места
Имам заедничка сегашност и иднина
само со приказната што мајката му ја чита на детето
кое кога заспива, ја довршува во сонот
Кога посегнувам по зборовите
се сеќавам на едно дете што посегнало по запретана граната
мислејки дека е мала желка
Полека осознавам дека стварноста е прекратко ќебе
кое ми ги остава откриени или главата
или стапалата
Постојам и на друго место
Токму тука
Извор: Струшки вечери на поезијата

