Книжарницата „ Ливратија Лело“ во Порто (Португалија) е една од најпознатите книжарници во Европа, за која досега е пишувано и на блогот, а сега ќе биде и дом на „Библиотеката на манифестите“ (Manifesto Library) – постојана колекција од 100 книги, сместена во културниот аудиториум на книжарницата. Пред неколку дена, „Библиотеката на манифестите“, библиотека посветена на забранетите и цензурираните книги, ги отвори вратите за читателите и читателките. Започнувајќи како дел од новиот меѓународен фестивал на книгата „BABELL – City of Books“, таа ќе има свое постојано место во прочуената книжарница „Ливрарија Лело“.
:max_bytes(150000):strip_icc():focal(645x295:647x297):format(webp)/Dua-Lipa-Service95-Patti-Smith-bookclub-instagram-082223-3bd7e6a5a88c49528abff79033e300d8.jpg)
(извор: Service95/Instagram)
Како што се наведува во соопштението, проектот е резултат на партнерството меѓу „Service95“ и „Ливрарија Лело“ и претставува првата физичка реализација на визијата на основачката на „Service95“, познатата пејачка Дуа Липа. За оние кои не знаат, Дуа Липа е страсна и посветена читателка и пред околу три години го основаше „Service95“ – книжевен клуб посветен на „споделување инсајдерски препораки и глобални приказни преку некои од највпечатливите гласови во светот“. Kлубот секој месец препорачува по една книга, а во придружниот подкаст Липа разговара со авторот или авторката на избраното дело. Нејзината идеја е Клубот на книги да прерасне во вистински дом за писател(к)ите и читател(к)ите, без оглед на тоа каде живеат и во какви околности се наоѓаат.
Колекцијата е многу повеќе од архива на забранети книги, иако голем дел од насловите што се наоѓаат на нејзините полици во минатото биле забранувани, отстранувани од училишните наставни програми или повлекувани од библиотеките во обид да им се оневозможи на луѓето да ги читаат. „Библиотеката на манифестите“ е замислена како простор што обединува книги кои биле предмет на јавни полемики, дела што ја истражуваат цензурата како тема, но и книги што поттикнале долготрајни и често непријатни општествени дебати за расата, родот, идентитетот и политичката моќ. Во соопштението се наведува и дека во колекцијата има и наслови кои никогаш не биле директно цензурирани, но самите претставуваат предизвик за воспоставените системи на моќ и за потиснувањето на индивидуалните и колективните гласови. Преку нив се засилуваат маргинализираните перспективи и се зачувуваат спомени и приказни што некој некогаш се обидел да ги избрише.
Колекцијата опфаќа 100 книги, распоредени во четири тематски целини: моќ, контрола, глас и сеќавање.
Темата „Моќ“ ги истражува прашањата кој ја поседува моќта, кој ѝ се спротивставува и кој ги обликува приказните што ги наследуваме. Во оваа целина се вклучени книги како „Вториот пол“ од Симон де Бовоар, „Слобода“ од Леа Ипи, „1984“ од Џорџ Орвел и други.
Целината „Контрола“ се фокусира на механизмите преку кои се ограничува слободата на мислата – надзорот, пропагандата, идеологијата и посуптилните облици на институционален притисок. На овие полици се наоѓаат книги како „Приказната на робинката“ од Маргарет Атвуд, „Процес“ од Франц Кафка, „Полицијата на сеќавањето“ од Јоко Огава и други.
Темата „Глас“ им дава простор на перспективите што со години биле систематски занемарувани или исклучувани од јавниот дискурс. Меѓу избраните книги се и „Пурпурната боја“ од Алис Вокер, „Сатански стихови“ од Салман Ружди, „За Земјата сме кратко прекрасни“ од Оушн Вуонг, како и збирката „Моето пенкало е крилото на птицата: Нова фикција од авганистански жени“, која ги претставува современите гласови на авганистанските писателки.
Последната целина, „Сеќавање“, ја истражува врската меѓу историјата и заборавот. Книгите во неа сведочат за личните и колективните искуства во услови на војна, диктатура, прогонство и неправда, зачувувајќи спомени што некој се обидел да ги избрише. Во оваа група се „Пачинко“ од Мин Џин Ли, „Патриот“ од Алексеј Навални, „Неподносливата леснотија на постоењето“ од Милан Кундера и „Книгите на Јаков“ од Олга Токарчук.
Објаснувајќи ја идејата зад проектот, Дуа Липа вели:
„Оваа библиотека е светилиште за книгите што исчезнале, за авторите чија храброст ги разоткрива структурите на моќ и контрола и за читателите кои одбиваат некој друг да им каже кои книги смеат да ги читаат. Ве покануваме да ја посетите библиотеката и самите да одлучите што заслужува да има место на овие полици. Зашто понекогаш најсубверзивното нешто што можете да го направите е да прочитате книга – а потоа да разговарате за неа.“
Посетителите на „Ливрарија Лело“ можат да ја посетат „Библиотеката на манифестите“ со секој влезен билет купен преку oфицијалната веб-страница на книжарницата.
