Погледнете го промотивното видео за екранизацијата на „Разум и чувствителност“!

Џејн Остин освен што е една од најдобрите писателки на сите времиња, се чини дека е неисцрпна инспирација и за филмаџиите, режисерите и сценаристите ширум светот, а публиката е постојано жедна за нови екранизации и верзии на нејзините дела. Па така, голема беше возбудата и среќата кај јавноста кога минатата година беше објавено дека во тек е снимање на филмска екранизација на „Разум и чувствителност“, првиот објавен роман на Џејн Остин, а сега веќе ги имаме и официјалниот постер, официјалното промотивно видео и датумот кога ќе почне да се прикажува во кината.

(Официјалниот постер за екранизацијата/Извор:Universal Pictures)

Заснована на истоимениот култен роман на Џејн Остин, главната улога во оваа романтична драма ја толкува познатата актерка Дејзи Едгар-Џонс. Џонс се јавува во улогата на Елинор Дешвуд, една од трите сестри кои, по смртта на нивниот татко, се принудени да го напуштат семејниот имот заедно со својата вдовица мајка и да се преселат во скромна куќичка. Токму таму за првпат ќе се соочат со љубовта и скршеното срце. Судејќи според промотивното видео, режисерката Џорџија Оукли создала верна екранизација на дебитантскиот роман на Џејн Остин, исполнета со раскошни панорамски кадри, а тука се и шармот на балските сали, коњските кочии, љубовните писма напишани на рака, како и копнежливи погледи. Покрај Дејзи Едгар-Џонс, актерската екипа ја сочинуваат Есме Крид-Мајлс како Маријана Дешвуд, Каитриона Балф како госпоѓа Дешвуд, Френк Дилејн како Џон Вилоби, Херберт Нордрум како полковникот Брендон, Боди Реј Бретнах како Маргарет Дешвуд, Џорџ Мекеј како Едвард Ферарс и Фиона Шо како госпоѓа Џенингс.

„Разум и чувствителност“ е продукција на „Воркинг тајтл филмс“ и „Фокус фичрс“, кои стојат зад романтичните класици „Љубовта, всушност“ и „Дневникот на Бриџит Џонс“, како и зад други екранизации на делата на Џејн Остин, меѓу кои се „Гордост и предрасуди“ (2005) со Кира Најтли и „Ема“ (2020) со Ања Тејлор-Џој.

Романот „Разум и чувствителност“ и претходно бил екранизиран, а најпозната останува оскаровската верзија од 1995 година, во режија на Анг Ли, со Ема Томпсон и Кејт Винслет во главните улоги, снимена непосредно пред Винслет да доживее светска слава со „Титаник“. Ема Томпсон го напиша сценариото и за него го освои својот втор Оскар.

Филмот ќе започне да се прикажува во кината ширум светот на 16 октомври.

Во продолжение погледнете го и промотивното видео:

Leave a comment