Среќна љубов –  Вислава Шимборска

Денес на блогот читаме прекрасни стихови од полската поетеса и нобеловка, Вислава Шимборска.

Среќна љубов –  Вислава Шимборска

Среќна љубов. Дали е тоа нормално,
дали е сериозно, дали е корисно –
што има светот од двајца луѓе,
кои не го гледаат светот?

Воздигнувани еден од друг без какви било заслуги,
една во милион, но убедени
дека така морало да се случи – како награда за што? за ништо;
светлината паѓа однекаде –
зашто баш врз нив, а не врз други?
Дали праведноста навредува? Да.
Дали, грижливо натрупани принципи нарушува,
го руши моралот во провалија? Нарушува и руши.

Погледнете ги тие среќници:
кога барем малку би се маскирале,
би се правеле потиштени, со тоа бодрејќи ги пријателите!
Слушате ли како се смеат – навредливо.
Со каков јазик зборуваат – наизглед разбирлив.
А тие нивни церемонии, зафрканции,
божемските обврски едниот кон другиот –
тоа личи на заговор зад грбот на човештвото!

Тешко е дури и да се каже што би настанало
кога нивниот пример би можел да се имитира.
На што би можеле да сметаат религиите, поезијата,
што би се помнело, што би се осудувало,
кој би сакал да остане во кругот.

Среќна љубов. Дали е тоа нормално?
Тактот и разборитоста налагаат за неа да се молчи
како за скандал од повисоки кругови.

Прекрасни дечиња се раѓаат без нејзина помош.
Никогаш не би успеала да ја насели земјата,
оти се случува мошне ретко.

Нека луѓето кои не ја познаваат среќната љубов
тврдат дека никаде нема среќна љубов.

Со таа вера полесно ќе им биде и да живеат и да умрат.

Leave a comment