Што читаше Кафе и книги во јуни?

Нов месец, нови книги за читање! Се подготвувате ли за одмор или можеби само сакате да се скриете од жештините? Доколку сте во потрага по нешто за читање, ѕирнете во денешната листа со препораки!

Сведоци“ – Светлана Алексиевич

Издавачка куќа: БЕГЕМОТ
Оцена: 5/5
Осврт
: Нобеловката Светлана Алексиевич со причина ја доби Нобеловата награда за книжевност во 2017 година. Нејзините неверојатни записи и нејзиниот начин како да им даде глас на оние чиј глас никогаш не се слушнал не оставаат никого рамнодушни. „Последните сведоци“ е последната книга што ми остана за да го заокружам нејзиното творештво и со денови по читањето остана со мене.

Светлана Алексиевич веќе еднаш навлезе во темата на Втората светска војна со нејзиното неверојатно дело „Војната нема женско лице“ (кое исто така го препорачав на блогот), каде таа ги изнесува приказните на жените што се бореле во Втората светска војна, додека во „Последните сведоци“ таа ги собира и споделува приказните на белоруските деца што биле сведоци на Втората светска војна, децата што во голема мера изгубиле сакани и од прва рака ја сведочеле разорноста на војната.

Истрауматизирани за цел живот, оние што денес се возрасни, тогаш биле само деца чие детство одеднаш било пресечено, а невиноста засекогаш неповратно загубена. Имаме читано многу книги за војните, особено за Втората светска војна, но многу е поболно да се читаат сведоштва на оние што се најранливи, на оние што само што стапнале во животот и кои наместо детството да го поминат во игри, училиште и смеа, го поминале во скривници, сведочејќи како нивните родители се стрелани, умираат, како нивните сакани гладуваат, а и самите биле подложени на мачење и болка. Додека ја читав книгата се потсетив и на славната речениица на Достоевски: „Сите идеали на овој свет не вредат колку солзите на едно дете.“ Неверојатно потресна и трогателна книга, со сосема соодветен наслов, бидејќи тие и навистина се последните сведоци…

Двојник“ – Фјодор Достоевски

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 4/5
Осврт:
Пред да го најдам ова издане, не бев многу запознаета со оваа приказна, но многу ми е драго што ја прочитав. Се работи за дело од раното творештво на Достоевски, односно неговиот втор роман. Приказната е луцидна, интересна, интензивна и го води читателот во еден вид на делириум додека чита. Јаков Петрович Голјаткин е еден бирократ кој живее обичен и повлечен живот, кој не сака многу дружења и има ограничен социјален живот. Тогаш нему му се случува нешто сосема необично. Тој запознава еден човек кој е негов двојник, но да биде работата уште понеобична, освен што изгледаат исто – тие го имаат и сосема истото име и презиме, и работат во истата канцеларија.

По една вечер заедничко дружење, Голјаткин забележува дека неговиот двојник се однесува многу злобно со него и се обидува да го намести, да му подметнува работи и да му прави интриги. Двојникот истовремено се обидува да го заземе неговото место на местото каде што работат, но и да ги придобие останатите луѓе што нему му значат, додека систематски го елиминира Голјаткин преку сплетки, што води кон целосен крах кај Голјаткин.

Неверојатно интересно напишана приказна, Голјаткин е исклучително интересен карактер, а Достоевски го напишал на начин што и ние како читатели ја чувствуваме неговата невротичност која постојано расте и расте, до степен што е тешко да се определи дали нешто е вистина или халуцинација, само ретроспективно можеме да си ги наредиме коцките. Во ова дело се забележува и очигледно е влијанието на Гогољ врз неговото пишување, некои елементи ќе ве потсетат на различни раскази и дела на Гогољ, меѓу кое и „Нос“, иако Достоевски не би бил Достоевски кога не би навлегол во уште поголеми психолошки и помрачни вртлози.

Бурмански денови“ – Џорџ Орвел

Издавачка куќа: ИКОНА
Оцена: 4/5
Осврт
: Џорџ Орвел е еден од моите омилени писатели и секогаш уживам во неговото остро перо и прониклив ум, секогаш наоѓајќи начин како да навлезе во тешки и заплеткани теми и да ги изнесе на виделина. „Бурмански денови“ е неговата втора објавена книга по „На дното и отфрлен во Париз и Лондон“, а прв негов објавен роман. Романот во принцип силно црпи од сопствените искуства на Орвел како полициски службеник во Бурма во неговите младешки денови и од него сосема е јасен презирот што Орвел го има кон колонијализмот и корумпираноста на колонијалните сили и оние што му служат.

Дејството се врти околу Џон Флори, британски трговец кој живее во Бурма и кој, за разлика од повеќето сонародници околу себе, го презира расизмот и му се гади од начинот на кој се вткаени голем дел од односите меѓу колонијалистите и оние што им се потчинети. Тој се спријателува со еден индиски лекар, кој од своја страна е мета на еден корумпиран судија и по сплет на околности и Флори ќе стане дел од сплетки и интриги.

Истовремено тој е осамен и набрзо се вљубува, надејќи се дека ќе ја ја остави осаменоста зад себе, но на сцена се појавуваат различни сили кои се закануваат дека ќе го уништат сето она што е добро и искрено. Многу интересна приказна, иако се гледа дека е меѓу првите на Орвел и има некои ситни недостатоци, сепак се гледа проблесокот на тој неверојатно уникатен стил што подоцна го одбележува неговото творештво.

Оставена пред олтарот“ – Вај Киленд

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт:
Летотo e и време за романтични комедии, кои одлично одат за одморање од жештините, особено ако сте на плажа, па доколку сте во потрага по такво четиво, ова е интересна приказна за вас. Слоун Карик е млада девојка која отсекогаш сакала свадби и секогаш сонувала за сопствената свадба. Таа толку многу ги сака свадбите што решила тоа да биде и нејзина професија, па затоа и работи токму во списание за свадби.

Но, откако нејзиниот свршеник ја напушта буквално на олтарот пред црквата, таа е во многу необична ситуација. Скршеното срце ја прави цинична и недоверлива, а истовремено мора да продолжи да работи на написи за свадби и да пишува за туѓите големи денови.

На една свадба на која присуствува бидејќи треба да напише напис за списанието се запознава со Валдер Хејс – шармантен, симпатичен и прилично самоуверен. Иако е очигледно дека има голема хемија меѓу нив, Слоун не сака да ризикува повторно да го загуби срцето и да остане разочарана, додека Валдер Хејс не е навикнат да не го добие тоа што го сака, па набрзо нивните патишта се испреплетуваат на начин кој ќе ги промени и двајцата.

Забавна и шармантна книга, ќе ја прочитате во еден здив и прилично ќе се забавувате доколку ви е потребно нешто такво во моментов.

Случајно Ејми“ – Лин Пејнтер

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 3/5
Осврт:
Уште една романтична комедија за оние што се љубители на овој жанр. Се работи за лесно четиво за како едно недоразбирање може да прерасне во нешто повеќе. Изабела е млада и амбициозна девојка која во едно кафуле го чека своето кафе додека се подготвува за првиот работен ден на новото работно место. Но, се чини дека ќе задоцни, а таа не сака да доцни на првиот ден, па кога келнерката го извикува името „Ејми“, таа оди и го зема кафето, но во истата секунда го истура кафето врз еден симпатичен дечко кој добива впечаток дека таа се вика Ејми.

Но, работите не се толку смешни кога Изабела сфаќа дека симпатичниот дечко всушност ѝ е шеф, односно шеф на нејзината шефица, особено кога тој реагира бурно кога дознава дека таа излажала за името. Но и покрај лошиот почеток, тие започнуваат едно пријателство и покрај очигледните искри меѓу нив, но поради тоа што Блејк ѝ е шеф, тие знаат дека не може да има ништо помеѓу нив. Но, дали ќе можат да издржат.

Добро ми дојде книгава за опуштено читање, иако морам да признаам дека има многу подобри книги од овој жанр. Стилот на пишување е малку повторувачки и на моменти премногу клише, иако е добро четиво за човек да одмори малку од секојдневието.

Leave a comment