Надежната посвета на Хемингвеј до сестра Имакулата напишана неколку дена пред самоубиството…

Ернест Хемингвеј е еден од најпознатите американски писатели и добитник на Нобеловата награда за книжевност. Неговите дела како „Збогум на оружјето“, „И сонцето изгрева“, „Старецот и морето“ се вечно врежани во историјата на книжевноста, а неговиот стил на пишување е еден од најпрепознатливите и уникатните. Истовремено, тој е познат и по неговиот авантуристички живот и мноштво скандали. Истовремено, тој голем дел од неговиот живот страдал од депресија и на 2 јули 1961 година, Ернест Хемингвеј си го одзел животот. Но, она што малку се знае е дека неколку дена пред самоубиството, тој ѝ подарил книга со лична посвета на сестра Имакулата, медицинска сестра која се грижела за него во клиниката „Мејо“. Во продолжение прочитајте повеќе за оваа приказна, пренесена преку „Њујорк тајмс“.

(извор: New York Times/Curtis DeBerg)

Во 1961 година, Ернест Хемингвеј, кој страдал од заблуди, параноја, депресија и самоубиствени мисли, се лекувал во клиниката „Мејо“, каде што за него се грижел тим католички медицински сестри предводен од сестра Имакулата. Деталите за нивниот однос се изгубени во историјата, но очигледно биле доволно блиски за Хемингвеј, кој тогаш веќе бил книжевен великан, да ѝ подари примерок од својата славна книга „Старецот и морето“, со лична и оптимистичка посвета, датирана на 16 јуни 1961 година.

Во неа напишал:

„На сестра Имакулата: оваа книга, со надеж дека ќе напишам уште една исто толку добра за неа кога мојата писателска среќа повторно ќе ми се врати. А ќе ми се врати.“

Но тоа, за жал, никогаш не се случило. Само шеснаесет дена подоцна, на 2 јули 1961 година, Хемингвеј си го одзел животот во својот дом во Ајдахо. Повеќе од шеесет години, Сестрите на Свети Фрањо од Рочестер, во сојузната држава Минесота, ја чувале оваа книга, која содржи, според многумина, едни од последните зборови што Хемингвеј некогаш ги напишал.

Во јануари 2026 година оваа книга ја донираа на Нобеловиот музеј во Стокхолм, кој ги користи ваквите предмети за да ги оживее „делото и идеите на повеќе од 900 креативни умови“ меѓу досегашните добитници на Нобеловата награда, како што е и Хемингвеј. Книгата беше официјално предадена на свеченост во Шведска и е првиот предмет поврзан со Хемингвеј што стана дел од колекцијата на музејот.

„Овој предмет е прекрасно дополнување на нашата колекција, бидејќи е исполнет со приказни“, изјавил Улф Ларсон, виш кустос на музејот. „Ако сакате да зборувате за животот на Хемингвеј, за неговата борба и за неговата судбина, ова е совршениот предмет за тоа. Ќе го изложиме што е можно поскоро.“

Раководството на монашкиот ред смета дека дошло време книгата да ја види многу поширока публика. „Навистина беше штета што стоеше заклучена во сеф во нашата матична куќа, каде што никој никогаш немаше можност да ја види“, изјавила сестра Мариса Мекдоналд, членка на раководниот совет на Фрањевскиот ред, кој ја донел одлуката за донацијата.

Иако пред донацијата видел само фотографии од книгата и од посветата, Улф Ларсон вели дека воопшто не се сомневал во автентичноста на ракописот. Потписот и карактеристичниот начин на користење интерпункција целосно се совпаѓаат со писмата што Хемингвеј ги пишувал во тоа време. Ларсон додава дека, бидејќи станува збор за донација без никаква финансиска надомест, не постои разумен мотив за фалсификување.

Хемингвеј ја добил Нобеловата награда за книжевност во 1954 година, а во образложението било истакнато неговото „моќно и новаторско мајсторство на наративната уметност, последно покажано во ‘Старецот и морето’.“

Но до 1960 година писателот веќе минувал низ тежок период. Работел на своите мемоари за Париз, кои подоцна, по неговата смрт, ќе бидат објавени под наслов „Подвижен празник“, но бил длабоко фрустриран од чувството дека повеќе не може добро да пишува. Во ноември 1960 година бил примен на психијатриското одделение на болницата „Сент Мерис“, поврзана со клиниката „Мејо“, каде што останал речиси до крајот на јануари 1961 година. За време на лекувањето примал електрошок терапија, а во април 1961 година повторно се вратил во болницата на дополнителен третман.

Болницата била основана во 1889 година од мајка Алфред Моес, основачка на Фрањевките од Рочестер. Со болницата управувале фрањевските сестри, а медицинската нега ја обезбедувале нивните медицински сестри, додека лекарската грижа била доверена на семејството Мејо, а подоцна и на лекарите од клиниката „Мејо“. Во 1986 година, фрањевките ја пренеле административната управа на болницата на клиниката „Мејо“, но и денес учествуваат во нејзиниот надзор преку две места во Советот за вредности на клиниката „Мејо“.

Сестра Имакулата, која била обучена психијатриска медицинска сестра, помогнала во основањето на психијатриското одделение на клиниката „Мејо“, а подоцна служела и како болничка капеланка. Починала во 1992 година, а сестрите што ја познавале ја опишуваат како љубезна, грижлива и сочувствителна жена – особини што Хемингвеј, без сомнение, ги почувствувал од прва рака.

„Фактот дека од медицинска сестра станала болничка капеланка кажува многу за нејзиниот карактер – за нејзината грижа за луѓето, нејзината нежност и нејзиното сочувство“, вели сестра Тирни Труман, конгрегациска претпоставена на Фрањевките од Рочестер.

Сестра Имакулата, родена како Хелен Хејс, имала 37 години кога се сретнала со славниот писател. Во тоа време Хемингвеј веќе стекнал репутација на човек што се фали и ги заплашува другите, но се чини дека токму таа ја извлекла неговата понежна страна – барем ако се суди според посветата што ѝ ја напишал.

„Мислам дека било многу љубезно и внимателно од негова страна да ѝ упати толку позитивни зборови на личност која се грижела за него“, вели Сандра Спаниер, професорка по англиска книжевност на Државниот универзитет во Пенсилванија и уредничка на проектот „Писмата на Хемингвеј“.

„Очигледно имал лична врска со неа, ја ценел и доволно му значела за да ѝ напише нешто толку лично. Тоа ни открива една топла страна од неговиот карактер, по која обично не е познат.“

Со години книгата со посветата на Хемингвеј стоела на полиците на библиотеката на болницата „Сент Мерис“, каде што секоја од стотината фрањевски сестри што живееле таму можела да ја позајми. Но се чини дека речиси била заборавена сè до пред пет години, кога една од сестрите му ја спомнала на Кертис Деберг, пензиониран професор по бизнис, автор на книга за Хемингвеј и истражувач во клиниката „Мејо“. Деберг ја напишал книгата „Патувајќи низ светот со Хемингвеј“, во која ги следи патувањата на немирниот писател низ Европа, Африка, САД и Карибите. Во моментов работи на уште една книга за Хемингвеј, „Борејќи се со демоните“, како и на едно сценарио.

Според Деберг, зборовите во посветата делуваат прогонувачки. „Дали се залажувал себеси, мислејќи дека повторно ќе може да пишува по сите тие електрошок терапии?“, прашува Деберг. „Или, пак, некаде длабоко во себе си мислел: ‘Никогаш повеќе нема да напишам книга како оваа’?“ Деберг се прашува и дали ведриот тон на пораката не бил и обид да ги убеди лекарите од клиниката „Мејо“ дека е подготвен да биде пуштен дома.

Д-р Хауард Ром, раководител на психијатриското одделение во клиниката „Мејо“, го отпуштил Хемингвеј на 26 јуни 1961 година, само шест дена пред писателот да си го одземе животот, заклучувајќи дека неговиот пациент „доволно закрепнал од депресијата“.

Минатиот септември, откако го посетил Нобеловиот музеј и дознал дека во неговата колекција нема ниту еден предмет поврзан со Хемингвеј, Деберг им предложил на фрањевките да ја донираат книгата. Раководниот совет на редот ја прифатил идејата и во ноември му ја предал книгата на Деберг во нивната матична куќа во Рочестер, Минесота. На свеченоста во Шведска, одржана во јануари, Деберг зборувал за значењето на посветата, а професионалниот актер Иса Ауифија прочитал извадок од „Старецот и морето“.

Според Улф Ларсон од Нобеловиот музеј, посветата во книгата:

„го доловува Хемингвеј на самиот крај од неговиот живот – сè уште исполнет со надеж, сè уште пишувајќи, сè уште посегнувајќи по уште една приказна. Тоа е интимно парче книжевна историја, чија вредност е уште поголема поради сочувството што му го покажале фрањевските сестри.“

Извор: The New York Times

Leave a comment