Франц Кафка е еден од најпознатите автори во денешно време, иако почина пред повеќе од сто години. Па, зошто неговото творештво и денес привлекува толку големо внимание? Прочитајте ја денешната објава на блогот, според текст на Кристина Рајман-Шнајдер, првично објавен на сервисот „Дојче веле“.

Роден во 1883 година во Прага, Франц Кафка ѝ припаѓал на еврејска заедница што зборувала на германски јазик, што уште од самиот почеток го правело аутсајдер во општеството. Ниту во сопственото семејство не чувствувал вистинско прифаќање. Особено тежок бил неговиот однос со таткото, кој сакал синот да стане успешен бизнисмен, а не писател.
Бидејќи не можел да живее само од пишување, Кафка работел како службеник во осигурителна компанија од утро до пладне, а остатокот од денот го посветувал на работите што му носеле задоволство. Возел мотоцикл, одел во кино и посетувал бордели. Бил спортски активен, патувал во Париз и Берлин и уживал во друштво на луѓе. Но, не му одело најдобро во љубовните односи. Делумно тоа било последица на строгите општествени норми на времето. Колку блискост е дозволена ако имаш сериозни намери? Кафка никогаш не бил сигурен во одговорот.
Светската слава ја должи на еден близок пријател
Кафка пишувал навечер и ноќе – дневници, раскази и романи. Неговиот најдобар пријател, Макс Брод, кого го запознал додека студирале право, веднаш го препознал неговиот книжевен талент и го охрабрувал да ги објавува своите дела. Но, самиот Кафка постојано се сомневал во сопствените писателски способности. Во 1924 година починал од туберкулоза, само неколку недели пред својот 41. роденден. Пред смртта му оставил аманет на Макс Брод да ги изгори сите негови ракописи.
За среќа на светската книжевност, Брод не ја исполнил таа желба. Во спротивно, никогаш немаше да биде објавен романот „Процес“, кое денес е едно од најпознатите дела на Кафка. Романот раскажува за човек кој одеднаш станува обвинет, но никогаш не дознава за што е обвинет. И, како што е вообичаено кај Кафка, приказната нема среќен крај.
Кафка како светски феномен
Денес Кафка се чита низ целиот свет. Во Германија неговите дела се дел од задолжителната училишна програма. Во Индија е високо ценет во интелектуалните кругови, а подеднакво е популарен и во Мексико, Колумбија и Аргентина. Списокот на земји во кои неговото дело има силно влијание е речиси бесконечен. Бројни писатели од различни делови на светот се повикуваат на Кафка во своите романи и го сметаат за еден од најзначајните модерни автори на 20 век. Колумбискиот писател и нобеловец Габриел Гарсија Маркес, кој почина во 2014 година, дури изјавил дека токму читањето на Кафкината „Преобразба“ го инспирирало да почне да пишува.
Посебната чувствителност на Кафка живее и преку придавката „кафкијански“ („Kafkaesque“), која денес постои во многу јазици – германски, англиски, корејски, турски, француски, јапонски, руски, италијански и многу други. Со неа се опишуваат ситуации што изгледаат необјасниво заканувачки: апсурдни, бизарни и неразбирливи.
Зошто Кафка сè уште е актуелен?
Во своите дела Кафка обработува теми што никогаш не ја губат својата актуелност: бирократијата, односот кон авторитетот и чувството дека човекот е немоќен пред системот. Колумбискиот писател Ернан Д. Каро во подкаст-серијалот „Да се биде Кафка“ се прашува дали неговите текстови се инспирирани од соништа или, поточно, од кошмари.
Расказите и романите на Кафка најчесто се насочени кон универзалните човечки искуства. Со поетска прецизност го опишуваат чувството на изгубеност, осаменост и беспомошност во светот. Тоа се чувства што ги споделуваат луѓето без оглед на времето, културата или политичкиот систем. Токму затоа Кафка се чита и се разбира на сите континенти. Неговиот јасен и разбирлив јазик, објаснува Каро, им овозможува на преведувачите релативно лесно да ги пренесат неговите дела на други јазици. Освен тоа, Кафка им оставил непроценлив подарок на генерациите писатели што дошле по него: им покажал како за најчудните, најнеобичните и најапсурдните работи може да се пишува како да се сосема секојдневни.
Сепак, во времето на нацистичка Германија неговите книги биле забранувани и јавно палени каде што тоа било можно. Поради тоа, долги години Кафка бил многу попопуларен во странство отколку во сопственото германско говорно подрачје.
Зошто генерацијата Z е толку фасцинирана од Кафка?
Кафка стана вистинско интернет-меме на социјалните мрежи. Особено популарен е инсектот во кој се преобразува главниот лик во новелата „Преобразба“. Младите споделуваат цитати од Кафка на ТикТок и Инстаграм. Тие не се секогаш точни, но тоа воопшто не ја намалува современата „кафкоманија“, која оди дотаму што на социјалните мрежи се објавуваат и роденденски торти украсени со ликот на Кафка.
Кафка особено им е близок на младите затоа што и тие често доаѓаат во судир со авторитетите и понекогаш се чувствуваат исто толку изгубено како неговите книжевни ликови. Темите што ги обработува Франц Кафка – отуѓеноста, изолацијата и потрагата по сопствениот идентитет, изгледаат подеднакво актуелни и денес, еден век по смртта на писателот.
Во продолжение погледнете го и видеото што „Дојче веле“ го изработи во кое се осврнуваат на терминот „кафкијански“ и творештвото на Кафка:
