Стриминг-платформата Нетфликс ја најави новата серија „Иднината е наша“ – амбициозна дистописка продукција инспирирана од романот „Светот што го создаде Џонс“ на легендарниот американски писател Филип К. Дик. Според Нетфликс, ова ќе биде првата аудиовизуелна екранизација на дело на авторот снимена на шпански јазик. Серијата ќе има осум епизоди и ќе обедини голем број познати филмски автори и актери од Латинска Америка. Улогите ги предводат Енцо Вогринчиќ, Емилијано Зурита, Делфина Чавес, Марлејда Сото и Марко Антонио Капони.

(извор: Alan Roskyn / Netflix)
Креативен водач на проектот е сценаристот и режисер Матео Хил, додека режијата им е доверена на Висенте Аморим, Даниел Резенде и Хесус Брасерас. Продукцијата е заеднички проект на „К&С Филмс“ и „Електрик Шеперд Продукшнс“, продукциската куќа на семејството на Филип К. Дик.
Според официјалното сиже што го објави Нетфликс, дејството е сместено во 2047 година, кога еколошката катастрофа доведува до создавање на ФедСур, сојуз на јужноамерикански држави кој воведува радикални мерки за заштита на природата и справување со гладот и насилството. Во тој свет се појавува мистериозен глас на интернет што може да ја предвидува иднината. Полицаецот Уго Круси открива дека зад него стои младиот проповедник Хонас Флорес, но неговото апсење наместо да ја запре заканата го претвора во духовен водач на целиот континент. Додека Хонас најавува пад на ФедСур и победа над климатската криза, инспирирајќи масовно движење, Круси станува дел од отпорот и започнува речиси самоубиствена мисија да го запре човекот кој, иронично, однапред ја предвидел и сопствената ликвидација.
Покрај главната актерска екипа, во серијата играат и Фернан Мирас, Алфредо Кастро, Антонија Зегерс, Анхела Родригес, Марија Грасија Омегња, Рален Монтенегро, Хуан Паломино, Илај Пералес и Палома Контрерас. На сценариото, покрај Матео Хил, работеа Лаура Сантуљо, Камила Бругес Гомес и Киза Терасас. Директорите на фотографија се Адријан Теихеидо и Луис Сансанс, сценограф е Карлос И Жак, уметнички директор Хулијан Ромера, а музиката ја надгледува композиторот Роке Бањос.
Во соопштението, потпретседателот за содржини за Латинска Америка во Нетфликс, Франсиско Рамос, истакнува дека продукцијата претставува досега невиден проект за регионот.
„Кон делото на Филип К. Дик пристапивме со огромна почит и восхит, препознавајќи теми што денес се исклучително актуелни. Предизвикот е огромен, но горди сме што ќе раскажеме приказна која ќе ја прикаже Латинска Америка како сила на отпорот во новиот светски поредок. Ова ќе биде продукција со највисоки амбиции досега во регионот и ќе покаже дека вакви приказни можат да се раскажуваат и од нашите земји, на шпански јазик и со исклучителен квалитет“.
Иса Дик Хакет, ќерката на Филип К. Дик и извршна продуцентка на серијата, додава дека за неа е голема чест што токму ова ќе биде првата телевизиска адаптација на делото на нејзиниот татко на шпански јазик.
„Екранизацијата на Матео е смела и иновативна, а притоа останува верна на суштината на оригиналниот роман. Долго време верував дека богатата култура и извонредниот талент во Латинска Америка претставуваат идеална средина за ваков амбициозен проект, а ентузијазмот на целиот тим е навистина инспиративен“.
Филип К. Дик се смета за еден од највлијателните автори на научната фантастика во 20 век. Неговите дела инспирираа култни филмски и телевизиски екранизации.
