Летотот е во полн ек, а деновите се топли и тешки, па често мораме да се криеме под сенка или дома под клима. Ова е одличен период за читање, но доколку барате малку одмор и одишка и сакате да погледнете некој филм, денес на блогот прочитајте три препораки за филмови што би можеле да ги погледнете.
Одисеја (The Odyssey, 2026)

Каде можете да го гледате: Синеплекс
Опис: „Одисеја“ е едно од најзначајните пишани дела на сите времиња. Неверојатната приказна за авантурите на Одисеј при неговото враќање во родната Итака се смета за еден од најзначајните столбови на западната книжевност и раскажување приказни. Во текот на неколку милениуми, оваа приказна служи како инспирација за многу други дела, екранизации, претстави, дебати и истражувања. Ова дело неколку пати било екранизирано, но оваа екранизација на Кристофер Нолан е најголемото остварување и прикажување на приказната за Одисеј на големиот екран. Се работи за едно неверојатно филмско остварување, кое, доколку имате можност, дефинитивно треба да го погледнете во кино. Кинематографијата е неверојатна, ве остава без здив, особено ако знаете дека Кристофер Нолан употребува сосема малку компјутерски ефекти, речиси сето она што го гледате е снимено со камера и со примена на филмски техники.
Што се однесува до самата приказна, сметам дека Нолан сосема пристојно ја доловува приказната на Одисеј. Одредени работи се променети, што е сосема нормално бидејќи не може една таква епска поема да биде целосно прикажана во филм од три часа, но јас имав чувство дека најважните емотивни и филозофски точки на приказната се одлично прикажани. Актерската екипа во поголемиот дел е одлична. Роберт Патисон според мене е извонреден како негативец, иако Мет Дејмон (кој инаку многу го почитувам како актер) не ме убеди целосно во неговиот Одисеј. Филмот има одредени недостатоци, но во целина мислам дека се работи за филм што треба да се погледне неколку пати, и доколку човек има можност, да го погледне во кино, на голем екран. Не го пропуштајте филмот на летото, а исто така треба да ја прочитате и самата „Одисеја“, која на блогот беше прогласена за книга на летото.
Неверојатно бистри суштества (Remarkably Bright Creatures, 2026)

Каде може да го гледате: НЕТФЛИКС
Опис: Сосема случајно го видов овој филм на Нетфликс и решив да го пуштам за време на овие топли денови и искрено ми го стопли срцето и многу ме разнежни. Доколку сакате драми и приказни за семејството, пријателството и загубата, ова е одличен филм за вас. Това е вдовица која живее во еден мал град и работи како хигиеничарка во еден аквариум. Таа неодамна го загубила својот сопруг, но нејзиниот живот е полн со тешкотии и мрачни периоди, особено откако неколку децении претходно трагично загинал нејзиниот син.
Таа создава едно необично пријателство со октоподот Марселус кој живее во аквариумот, а она што е интересно е што Марселус е наратор на приказната, па ние го гледаме и неговиот поглед на светот. Во меѓувреме, во градот пристигнува Камерон, млад дечко кој некако лута низ животот и има чувство дека за него нема никаква перспектива, но по сплет на околности, Камерон и Това почнуваат да минуваат повеќе време заедно и создаваат еден неверојатно симпатичен однос и пријателство. Целиот филм е неверојатно добро снимен и ќе ви даде едно неверојатно убаво чувство додека го гледате, а и ќе ви донесе една позитивна енергија која ни е потребна на сите. Дури откако го гледав филмот дознав дека всушност се работи за екранизација на роман, и ќе се потрудам да го најдам за да го прочитам, но дури и да не сте ја прочитале книгата, сигурно ќе ви се допадне филмот доколку сакате такви приказни.
Балот на лудите жени (Le bal des folles, 2021)
Каде можете да го гледате: AMAZON PRIME VIDEO
Опис: Овој филм е екранизација на истиоимениот роман што беше препорачан и на блогот. Сосема случајно дознав дека има француска екранизација на филмот и решив да го погледнам. Се работи за една историска драма, чие дејство се врти околу озогласената болница за душевно болни жени „Салпетриер”. Приказната е сместена во 19 век и преку ликовите во оваа болница сфаќаме колку сурово биле третирани жените и колку малку им била дозволена слободна волја и колку лесно можеле да станат жртви и да бидат прогласени за луди.
Младата Ежени доаѓа од угледно семејство од Париз, но таа има слободен дух и истовремено може да зборува со мртвите. Кога татко ѝ дознава за тоа, веднаш ја носи во болницата каде ја примаат без никакви прашања, а Ежени тоа го гледа како предавство и се обидува да навигира во своите нови околности. Од друга страна, Женевјев е главна медицинска сестра во болницата и таа е целосно посветена на науката и со голем сомнеж гледа на приказната на Ежени, но тоа трае до моментот кога Ежени ѝ кажува дека комуницира со нејзината мртва сестра. Ежени сака да избега од болницата, но тоа не е толку едноставно, па затоа ја полага сета нејзината надеж во главната сестра. Интересна приказна, релативно добро ја следи оригиналната приказна, актерската екипа е одлична.

[…] Истовремено, ние ја гледаме и страната на октоподот Марселус, кој во голем дел е и наратор на приказната и кој веќе е стар и се приближува до крајот на неговиот живот. Оваа приказна неверојатно ми остави впечаток, иако ликовите се соочуваат со тешкотии, се потсетуваат и тие, а и ние како читатели, дека луѓето се она што ни е потребно, дека човек не може да заборави што му се случило, но може да создаде и изгради силни врски и дека поддршката и заедницата што ја создаваме е неверојатно важна. Дефинитивно ви ја препорачувам оваа книга, а откако ќе ја прочитате, погледнете го и одличниот филм направен според книгата кој веќе го препорачав на блогот. […]
LikeLike