Македонска поезија: „Рането срце“ од Коле Неделковски!

На 2 септември 1941 година загинал Коле Неделковски, откако скокнал од зграда за да не се предаде во рацете на бугарската полиција. Коле Неделковски е еден од најреволуционерните македонски поети. На 2 септември, полицијата ја блокирала шесткатната зграда во која живеел. Коле Неделковски го уништил целиот материјал кој можел да ги загрози неговите пријатели и им дал вооружен отпор на прогонителите, но кога веќе бил фатен во безизлезна ситуација, тој се фрлил од прозорецот на својата мансарда, иако постојат сомнежи и некои тврдат дека полицајците кои го фрлиле од зградата.

Во негова чест, денес ја читаме неговата песна „Рането срце“ од неговата збирка „Молскавици“.

Рането срце – Коле Неделковски

Откако ноќ се зададе
и пуста темна тамнина
падна врз земја широка,

ја ми те, Родне, зачекав,
со тажни очи загледав
у тоа ваше пенџере.

Та белки ќе ми излезеш
бисер си уста д’отвориш
и да ми мило прозбориш,

ели со рака мермерна
ишарет да ми направиш,
рането срце да скротиш…

А ти се, Родне, не мерна,
ни ме со очи погледна,
нити со рака намавна!

И така ноќта измина,
рујна се зора зазори,
в срце ми рана с’отвори.

Низ мене, Родне, заигра
твоето лице калешо
со тија очи пламени.

Leave a comment