Замислете дека сте излегле на прошетка низ Градскиот парк, сте се упатиле кон Водно или едноставно минувате низ паркот во вашата населба. Наместо да посегнете по телефонот, пред вас гледате мала библиотека. Одбирате книга, ја земате со себе, ја читате и, кога ќе завршите, ја враќате за некој друг читател да има можност да ужива во неа. Токму на оваа едноставна и убава идеја се темели новата иницијатива на издавачката куќа „Сакам книги“, која на 28 август постави пет мини-библиотеки под отворено небо низ Скопје.
Мини библиотеките се наоѓаат на Средно Водно, во Градскиот парк во близина на „Номад кафе“, во Парк Македонија спроти „Веро“ во Тафталиџе, во паркот во Ѓорче Петров во близина на фонтаната и во паркот „Авионче“ во Аеродром.

Концептот е едноставен: книгите се бесплатни за позајмување и нема членски картички, библиотекари или задолжување. Секој може да земе книга, да ја прочита и потоа да ја врати во истата мини-библиотека, за таа да стигне до следниот читател. Но, токму затоа целата идеја почива врз нешто што понекогаш ни недостига во јавниот простор – довербата и одговорноста. Од „Сакам книги“ најавуваат дека библиотеките што граѓаните совесно ќе ги користат, ќе ги чуваат и редовно ќе ги враќаат книгите, периодично ќе бидат дополнувани со нови наслови. На тој начин, малите книжевни полици во парковите би можеле постепено да прераснат во живи библиотеки што постојано се менуваат заедно со своите читатели.
Можеби најубавиот аспект на мини-библиотеките е токму нивната достапност. Книгата овде не го чека читателот зад излогот на книжарницата или на полицата во библиотеката и со тоа читањето станува малку поспонтано и подостапно. Можеби некој ќе земе книга додека го шета кучето. Некој друг ќе ја забележи додека го чека детето во паркот. Некој ќе ја понесе дома од љубопитност, без воопшто да планирал тој ден да започне нов роман. Токму ваквите мали средби понекогаш создаваат читатели.
Мини-библиотеките се дел од поширокиот проект на „Сакам книги“ насловен „Со љубов, од Европа“, кој се спроведува со поддршка на програмата „Креативна Европа“, чија цел е македонските читатели да ги доближи до современата европска книжевност. Проектот започна со 16 избрани книги од 13 европски земји, со посебен акцент на дела напишани на помалку застапени јазици и на автори кои за првпат се преведуваат на македонски јазик. Меѓу досега објавените наслови се „Балот на лудите жени“ од Викторија Мас, „Твој Толак“ од Торе Ренберг, „Нескршливото срце на Олива Денаро“ од Виола Ардоне, „Аномалија“ од Ерве ле Телие, „Алјаска“ од Ана Волц и „Танц со коски“ од Андреј Семјанкив.
Избраните книги не се поврзани само со географската припадност на Европа, туку и истражувањата на прашањата со кои се соочува современото општество: менталното здравје, родовата еднаквост, феминизмот, попреченоста, инклузијата, различноста и климатските промени. Посебно место во проектот има книжевноста за помладата публика. Седум од 16. наслови се наменети за деца и млади, а преку нив се отвораат теми како врсничкото насилство, аутизмот, прифаќањето на различностите и заштитата на животната средина.

Поставувањето на мини библиотеките е остварено со поддршка на Град Скопје, Општина Ѓорче Петров и Општина Аеродром.
Но успехот на оваа иницијатива на крајот нема да зависи само од „Сакам книги“ или од институциите. Ќе зависи и од нас. Од тоа дали книгата што сме ја земале ќе ја вратиме. Дали ќе ја зачуваме. Дали ќе оставиме нешто и за човекот што ќе дојде по нас и дали ќе се однесуваме со нив достојно и со почит, бидејќи тоа не се само книги, туку во целата иницијатива е вклучен труд и љубов.Затоа, да ги чуваме овие мини-библиотеки и заедно да направиме да се зголемат и прошират.
