Летото и официјално започна пред некој ден, па затоа денес на блогот читаме прекрасни македонски стихови.
Летна летаргија – Катица Ќулавкова
Овде летото почнува напролет
а пролетта доаѓа пред да заврши зимата.
Овде поднебјето има медитерански шмек
и има сонце на претек:
ни изгрева, ни заоѓа, напросто грее.
Овде ноќта е мост кој се ниша меѓу две галаксии
па никој не знае на кое небо е.
На Вртолун, кога денот е најдолг –
сонот го прескокнуваме како виножито.
Мириса на липа по градовите
на жито по полињата
на габи по шумите, а тие шушкаат
и шуш-муш ни ги полнат кошниците
и душата, и таа збунета од помислата
за сличноста меѓу убавото и отровното.
Лето ни е, спас ни е –
сезона за пливање и обожавање
на длабоките води.
Лето е, доба на летаргија –
за миг забораваме што мораме
летаме со мислите кон она што го
посакуваме, а поривите нѐ обливаат
како пороен дожд со грмотевици.
Лето е, ни време, ни невреме
Заборави дека си човек
Биди ангел, рашири ги крилјата, летај.

