Пред некој ден започна 65. издание на Струшките вечери на поезијата, па освен наградата „Златен венец“, се доделуваат и други награди, меѓу кои е и една од најзначајните награди во македонската поезија, а тоа е наградата „Браќа Миладиновци“. Денес, на прес-конференција, жирито соопшти дека стихозбирката „Во куќата“ на Николина Андова Шопова, во издание на „Бегемот“, е годинешна добитничка на престижната награда.

(фото на Сашо Димовски/извор: Струшки вечери на поезијата)
Според образложението на жири-комисијата, станува збор за мала поетска книшка компонирана во два поетски циклуса и своевидна епилошка песна и дека се работи за талентиран поетски испис на сериозен и зрел автор. Како што е наведено и во описот на книгата, „Во куќата“ од Николина Андова Шопова „го води читателот низ сеприсутноста и моќта за метаморфоза, низ преминот од еден во друг облик, од активен учесник до сведок, како на личните, интимни расположби и емоции, така и на вечните, универзални прашања и дилеми.“

(извор: Бегемот)
Покрај „Во куќата на Николина Андова Шопова, во финалниот избор годинава се најдоа „Меко трње“ од Марија Ангеловска, „Длабок простор“ од Зоран Анчевски, „Првата ноќ и вториот рај“ од Сузана В. Спасовска и „Болна земја“ од Братислав Ташковски.
Честитки!
