Денес на блогот читаме прекрасни македонски стихови!
Се будам уплашен од светлината – Михаил Ренџов
Се будам уплашен од светлината
Од моето долго зборување за тебе
Дека имам убав ден кога се будиш
И најубава ноќ кога заспиваш.
Се будам уплашен од светлината
Зашто секое утро си го подредуваш
Музејот од розови шишенца
Со мирис на каранфил
Со капки вода за да се зголеми жедта –
Сладост што заслепува.
А јас беспомошно
Се будам уплашен од светлината
Од моето долго зборување за тебе.

