Франческо Петрарка (1304 -1374) со право се смета за татко на хуманизмот и една од највлијателните личности во европската книжевна историја. Неговата поезија, љубовта кон античките класици и стремежот кон разбирање на човекот и неговиот внатрешен свет го означија почетокот на ренесансната мисла. Тој бил страствен собирач на ракописи, истражувач, патник и мислител кој верувал дека враќањето кон античката мудрост е пат кон подобро разбирање на сегашноста. Во текстот објавен во International Herald Tribune во 2004 година, авторот Родерик Конвеј Морис го прикажува Петрарка не само како еден од најголемите поети на средниот век, туку и како човек чие чувство на немир, отуѓеност и постојана потрага по знаење го прават изненадувачки современ и денес. Прочитајте го текстот во продолжение.

(Извор: Britannica)
„Јас не сум граѓанин на ниту едно место, насекаде сум странец“, изјавил поетот и книжевник Франческо Петрарка, јасно изразувајќи го чувството на отуѓеност и тегобност поради кое подоцна ќе биде наречен „првиот современ човек“. На друго место Петрарка запишал: „Кога ќе ги споредите моите талкања со оние на Одисеј, ако се изземат славата на неговиот потфат и неговото име, тој не скитал ниту подолго ниту подалеку од мене.“ Сепак, по неколкуте престои во Падова за време на неговите навидум бескрајни патувања, кои го одвеле низ цела Италија и голем дел од Европа, тој конечно се сместил токму таму во 1368 година. Починал во 1374 година во куќата што ја изградил во селото Арква, сместено меѓу Еуганејските Ридови, јужно од градот.
Петрарка е роден во тосканскиот град Арецо, каде неговото семејство нашло прибежиште откако било протерано од Фиренца поради поддршката на истата неуспешна политичка фракција што ја поддржувал и Данте, кој во исто време бил испратен во прогонство. Во тој период папскиот двор се преселил во Авињон, во Прованса, за да избега од постојаната анархија во која западнал Рим. Во 1312 година и семејството на Петрарка се преселило таму, надевајќи се дека ќе најде работа.
Таткото на Петрарка, кој бил нотар, го принудил својот син да студира право, најпрвин во Монпелје, а потоа во Болоња, иако тоа било наука што момчето ја мразело. Уште од рана возраст Петрарка развил страст кон поезијата и латинската книжевност. Во една пригода, со голема мака успеал да ги спаси своите изданија на Вергилиј и Кикерон, кои неговиот татко ги пронашол и ги фрлил во оган. По смртта на татко му, младиот човек конечно можел да ѝ се посвети на својата вистинска определба, иако семејството веќе се наоѓало во тешка финансиска состојба. Сиромаштијата била една од причините за неговите постојани патувања во потрага по покровители, но го водела и неговата ненаситна љубопитност, која го поттикнувала дури и да се искачува по планини.
До тоа време Петрарка веќе станал познат како врвен познавач на латинскиот јазик. Но она што го издвојувало од неговите современици бил неговиот однос кон античките класици и причините поради кои толку длабоко им се посветил. Посетувањето различни училишта и универзитети кај него создало скептичен однос кон педантеријата и тесноградоста на схоластичарите, па во текот на остатокот од животот главно го избегнувал академскиот естаблишмент. За Петрарка, латинскиот јазик не бил само дисциплина што постои заради самата себе, туку средство за повторно навлегување во световите на класичната мисла и имагинација, за откривање нови начини на размислување и преиспитување на себеси и на светот во целина.
Обидите на Петрарка да ги оживее античките класици првенствено за таа цел, како и неговите настојувања восхитот кон паганското минато да го помири со христијанското учење, сосема оправдано му го обезбедиле местото и репутацијата како првиот целосно оформен хуманист. Голем дел од својот живот Петрарка го минал барајќи ги, препишувајќи ги, приредувајќи ги, толкувајќи ги и правејќи ги достапни зачуваните дела на римската класична книжевност. Токму поради тоа, како и поради своите писма и биографии на прочуени Римјани, напишани на латински јазик, тој најмногу очекувал да остане запаметен. Но тој бил и еден од првите Италијанци што ја застапувале поезијата на народен јазик, потфат за кој повеќето негови образовани современици покажувале малку интерес или отворено го презирале. На долг рок, токму италијанските стихови на Петрарка му донеле огромна книжевна слава и значење, не само во Италија туку и во далечни земји. Честопати му се припишувало дека тој го измислил сонетот како форма, и иако тоа било претерување, Петрарка толку силно ја направил оваа форма своја што, во извесна смисла, можело и навистина да биде така. Влијанието на поезијата на Петрарка не се состоело само во формата, туку уште повеќе во содржината – не само во начинот на пишување, туку и во начинот на размислување.
На 6 април 1327 година, во една црква во Авињон, Петрарка здогледал жена која нам ни е позната само по името Лаура. Безнадежно се вљубил во неа, а овој силен емотивен потрес предизвикал излевање стихови што продолжило многу години. Се чини дека Лаура била мажена и не е сигурно дали Петрарка некогаш имал физичка врска со неа. Постојат и теории дека Лаура во целост била плод на фантазијата на поетот, но тоа изгледа малку веројатно. Песните посветени на Лаура, како и оние на други теми, со текот на времето прераснале во долго патување на самоиспитување што дотогаш не било видено – во речиси непрекината психолошка автобиографија во стихови. Токму тука најостро и најубедливо се изразени чувството на немир и отуѓеност, тие болести на современото време. Истовремено, поезијата брилијантно ја доловува спонтаната и за тоа време рано развиена љубов на Петрарка кон природата, со што помогнала природниот свет да се утврди како една од највредните теми на поезијата. Никаде поезијата на Петрарка на народен јазик немала поголемо влијание отколку во Англија, иако биле потребни околу двесте години за таа да стане широко позната таму, особено преку преводите и адаптациите на Томас Вајат и Сари.
Од 31 сонет на Вајат, речиси една третина биле преводи на Петрарка. Без Петрарка, историјата на книжевноста од елизабетијанскиот и јакобинскиот период сигурно би изгледала сосема поинаку. Делата на Петрарка имале мошне значително влијание и врз визуелните уметности во Италија. Поетот ги сакал книгите не само поради нивната содржина, туку и како предмети сами по себе. Под негово водство, сликарот Симоне Мартини го илустрирал изданието на Вергилиј што му припаѓало на Петрарка, создавајќи замислен портрет на римскиот автор во пасторална средина, со фигури и сцени што ги симболизирале неговите дела. Оваа и многубројните подоцнежни илустрации на делата на Петрарка одиграле клучна улога во создавањето на световната хуманистичка минијатура како посебен жанр.
Стихуваното дело на Петрарка „Триумфи“, низа визии слични на сон за кои поетот наводно сметал дека ги доживеал едно априлско утро, прикажува поворки во стилот на древниот Рим. Делото инспирирало илјадници уметнички интерпретации: од фрески и графики до насликани ковчези и таписерии. За време на своите патувања Петрарка ја собрал највредната приватна библиотека во својата епоха. Пред конечно да се насели во Падова, поминал неколку години во Венеција, каде што владата му доделила палата под услов по смртта библиотеката да ѝ ја остави на Пресветлата Република Венеција. Но, на крајот, Петрарка не успеал таму да го најде друштвото по кое копнеел. Всушност, човекот што општо бил сметан за најобразованиот и најречовитиот човек на своето време веќе бил опишан од некои локални венецијански аристократи, кои очигледно имале многу високо мислење за себеси, како „un brav’uomo, ma ignorante“, односно, „добар човек, но неук“.
Затоа Петрарка заминал во Падова, а потоа и во својот дом во Арква, прекрасно место кое дури и денес е сместено меѓу лозја и овоштарници. Подоцна, во негова чест, местото било преименувано во Арква Петрарка. Починал во својата куќа додека работел на својата пишувачка маса, опкружен со своите скапоцени книги. Најголемиот дел од библиотеката му го оставил на својот покровител, владетелот на Падова, Франческо да Карара. Но ракописите на неговите сопствени дела останале во Арква, каде што уште долго време биле препишувани и испраќани до постојано растечката војска почитувачи на Петрарка.
