Десет интересни факти за Херман Мелвил

Роден во Њујорк во богато и општествено влијателно семејство, Херман Мелвил (1819 – 1891) избрал живот возбудлив колку и оној на Ишмаил, нараторот во неговиот роман „Моби Дик“. Поминал години на море, пловејќи на китоловни бродови и патувајќи до далечни краишта на светот, но истовремено се борел да успее како романсиер додека издржувал големо пошироко семејство. По повод годишнината од неговото раѓање, на 1 август, нурнуваме во авантурите на Мелвил и откриваме неколку изненадувачки факти за неговиот живот, оригинално пренесени од The Mental Floss.

(извор: Library of America/Public Domain via Wikimedia Commons)

Мајката на Херман Мелвил го сменила начинот на кој се пишувало нивното презиме

И покрај богатството и угледното потекло на семејството, неговата мајка Марија Гансеворт потекнувала од едно од првите холандски семејства во Њујорк, а неговиот татко Алан Мелвил бил потомок на старо бостонско семејство, младиот Херман имал нестабилно и несреќно детство. Во 1830 година, Алан прогласил банкрот, а две години подоцна починал, оставајќи ја Марија сама со осум деца помлади од 17 години и огромни долгови наталожени од заеми и неуспешните деловни потфати на нејзиниот сопруг. Набргу потоа, Марија ја додала буквата „е“ во семејното презиме, претворајќи го Melvill во Melville. Можно е тоа да било обид да се сокрие од агенциите за наплата на долгови, иако истражувачите не се сигурни во вистинската причина. „Отсекогаш ми изгледало малку веројатно дека на почетокот на 19 век некој би можел да им избега на доверителите само со додавање една буква во презимето“, изјавил Вил Гарисон, извршен директор на Историското друштво на Беркшир, во разговор со „Mental Floss“.

Херман Мелвил тешко наоѓал работа

Поради националната финансиска криза од 1837 година, Мелвил долго време не можел да најде постојано вработување, но тоа не било затоа што не се трудел. Работел како банкарски службеник, учител, геодет и член на екипажот на поштенски брод, пред во 1841 година да се качи на китоловниот брод „Акушнет“ од Њу Бедфорд, во Масачусетс, САД, тогаш светската престолнина на китоловот. Подоцна служел на уште неколку китоловни бродови и напредувал до должноста харпунер. Токму неговите морски авантури ги поставиле темелите за размислувањата за човекот, моралот и природата што ќе ги развие во „Моби Дик“. Во романот, Мелвил, преку гласот на Исмаил, пишува: „Китоловниот брод беше мојот универзитет Јејл и мојот Харвард.“

Херман Мелвил побегнал од брод среде тригодишно патување

Мелвил и капетанот на „Акушнет“ не се согласувале, па кога бродот пристигнал на Маркиските Острови, Мелвил и неговиот пријател Ричард Тобијас Грин се сокриле во шумите и чекале бродот да отплови без нив. Тие поминале еден месец живеејќи со жителите на пацифичките острови. Мелвил бил воодушевен од нивната култура, софистицираност и мирољубивост, иако повеќето Европејци тогаш верувале дека Полинезијците се канибали. Воедно, нашол причина остро да ги критикува европските обиди да ги „цивилизираат“ островјаните преку нивното преобраќање во христијанство. Своите искуства од Јужниот Пацифик ги искористил во првите два романи, „Тајпи“ (Typee, 1846) и „Ому“ (Omoo, 1847), кои доживеале огромен комерцијален успех и станале вистински бестселери.

Херман Мелвил бил инспириран од една планина

Во 1850 година, откако стекнал слава како популарен автор на авантуристички романи, Мелвил се преселил во Ероухед, својот шармантен дом со боја на сенф во Питсфилд, во државата Масачусетс, заедно со сопругата Елизабет и нивниот син. Во работната соба на горниот кат го поставил своето биро така што низ прозорецот свртен кон север имал совршен поглед кон врвот на планината Грејлок, највисоката планина во Масачусетс. Гледајќи го врвот во сончев ден, Мелвил бил восхитен од тоа колку неговата хоризонтална силуета личела „на кашалот што се издига во далечината“. Го наместил бирото така што секогаш кога ќе го кренел погледот од ракописот, пред него бил врвот на планината. Токму во таа соба, на почетокот на 1851 година, го довршил ракописот на „Моби Дик“.

Херман Мелвил претворил вистинска китоловна катастрофа во книжевна фикција

Додека пловел на „Акушнет“, Мелвил слушнал за еден озлогласен бродолом од синот на еден од преживеаните. Во ноември 1820 година, огромен кашалот го нападнал и потопил китоловниот брод „Есекс“ од Нантакет, среде Тихиот Океан. Екипажот, кој останал заглавен во три мали чамци со многу малку храна и вода, одлучил да плови повеќе од 4.000 милји кон Јужна Америка, наместо само околу 1.200 милји до Маркиските Острови, каде што Мелвил подоцна уживал во својот престој, затоа што верувале дека домородците ќе ги изедат. Иронијата е што некои од преживеаните на крајот биле принудени да ги јадат своите починати соборци за да преживеат. Мелвил ја искористил оваа трагедија како основа за кулминацијата на „Моби Дик“, во која бродот „Пиквод“ од Нантакет е уништен од белиот кит. Интересно е што Мелвил го посетил Нантакет дури откако романот бил објавен. Таму лично разговарал со капетанот на „Есекс“, Џорџ Полард, кој го преживеал страшното искушение и подоцна работел како ноќен чувар во градот.

Подоцна Мелвил напишал:

„За островјаните тој не беше никој. За мене беше највпечатливиот човек – иако целосно ненаметлив, дури и скромен – што некогаш сум го сретнал.“

За повеќе детали околу оваа случка и инспирацијата на Мелвил, прочитајте го текстот: Вистинскиот хорор настан кој бил инспирација за романот „Моби Дик“!

„Моби Дик“ првично бил неуспех

Читателите, кои очекувале уште една возбудлива авантуристичка приказна како „Тајпи“ (Typee) или „Редберн“ (Redburn), биле длабоко разочарани кога „Моби Дик“ бил објавен во ноември 1851 година. Британското издание, „Moby-Dick, or The Whale“ („Моби Дик или Китот“), добило неколку позитивни критики во лондонските весници, но американските критичари биле збунети од сложената симболика и книжевната комплексност на романот.

„Во неговото лудило нема никаков метод; затоа мораме да заклучиме дека главниот елемент на книгата [ликот на капетан Ахаб] е целосно промашување, а самото дело е без уметничка форма“, напишал критичарот на весникот „Њујорк Албион“. Тој додал дека стилот на романот наликува на тоа „да ви послужат масло, сенф, оцет и бибер како главно јадење, наместо научно да ги употребат како сос.“

Херман Мелвил бил особено приврзан за својот оџак

Ероухед станал средиште на семејниот живот и творештвото на Мелвил. Со текот на времето, во удобната селска куќа живееле тој и неговата сопруга Лизи, нивните два сина и двете ќерки, неговата мајка Марија, како и неговите сестри Огуста, Хелен и Фани. Неколку години писателот Натаниел Хоторн бил толку чест гостин што имал и сопствена мала спална соба веднаш до работната соба на Мелвил. По „Моби Дик“, токму таму ги напишал романите „Пјер“ (Pierre) и „Човекот од доверба“ (The Confidence-Man), збирката „Приказни од плоштадот“ (The Piazza Tales), расказот „Писарот Бартлби: приказна од Волстрит (Bartleby the Scrivener) и многу други дела. Мелвил особено се приврзал за куќата, а најмногу за нејзиниот масивен централен оџак, кој го овековечил во расказот „Јас и мојот оџак“ (I and My Chimney) од 1856 година. Но, финансиските тешкотии што го следеле по неуспехот на „Моби Дик“ го принудиле во 1863 година да го продаде Ероухед на својот брат Алан. Како почит кон братот, Алан испишал неколку редови од „Јас и мојот оџак“ врз камените ѕидови на оџакот, каде што тие и денес можат да се видат.

Херман Мелвил конечно добил редовна работа

Постојаните финансиски проблеми го натерале Мелвил да се врати во Њујорк, каде што семејството се населило во куќа од црвена тула на адресата 104 Источна 26. улица во Менхетен, повторно опкружено со градскиот живот. Конечно нашол стабилно вработување како окружен инспектор во Царинската служба на САД, со канцеларија на 470 Западна улица. Во исто време, речиси целосно престанал да пишува раскази и романи и се посветил на поезијата. Помеѓу инспекциите ја создавал поемата „Кларел: Поема и аџилак во Светата Земја“ (Clarel: A Poem and Pilgrimage in the Holy Land), инспирирана од неговото патување на Блискиот Исток во 1857 година. Со повеќе од 18.000 стихови, тоа е најдолгата поема во американската книжевност. Поради нејзината должина и необичниот пристап кон темата, самиот Мелвил еднаш со иронија рекол дека делото е „извонредно приспособено за да биде непопуларно“.

Последното големо дело на Херман Мелвил било откриено сосема случајно

Стогодишнината од раѓањето на Мелвил повторно го разгорела интересот за неговите романи и поезија, од кои повеќето во тоа време одамна не биле достапни во печат. Рејмонд Вивер, професор по книжевност на Универзитетот Колумбија, работел на првата голема биографија за Мелвил. Во тој проект соработувал со Елинор Мелвил Меткалф, внуката на писателот и извршителка на неговото книжевно наследство, која му овозможила пристап до личните архиви на авторот. Во 1919 година, додека ги прегледувал писмата и белешките, Вивер сосема случајно го пронашол недовршениот ракопис на „Били Бад“ (Billy Budd) во метална кутија за леб. Мелвил почнал да ја пишува оваа новела за трагичната судбина на еден морнар во 1888 година, но до својата смрт, во 1891 година, не успеал да ја доврши. Вивер го уредил и го објавил делото во 1924 година, но првично сметал дека приказната „не е особено значајна“. Подоцнежните книжевни научници, пак, тврделе дека „Били Бад“ е последното ремек-дело на Мелвил.

Денес можете да ја видите личната колекција на необични предмети на Херман Мелвил

На само кратко возење од Ероухед, Беркшир Атенеумот во Питсфилд ја чува најголемата светска збирка предмети поврзани со Мелвил, сместена во Меморијалната соба на Мелвил. Покрај првите изданија на неговите книги и богата библиотека со дела посветени на неговиот живот и творештво, таму се наоѓаат и непроценливи предмети што му припаѓале на писателот или биле поврзани со него. Посетителите можат да го видат најраниот познат портрет на Мелвил, насликан во 1848 година; резбани дрвени весла за кану што ги собрал во Полинезија; неговиот стап за пешачење; омиленото мастило, пердувестите пенкала и други предмети од неговото биро; колекција од скримшо (уметнички резби изработени на коски и заби од китови), мапи и графики, како и бирото на неговата сопруга Елизабет Мелвил. Во музејот се чува и дел од првиот успешен трансатлантски телеграфски кабел, кој Мелвил го сметал за драгоцен сувенир, па дури и вистинската метална кутија за леб во која повеќе од две децении бил скриен ракописот на „Били Бад“.

Извор: The Mental Floss

Leave a comment