Силвија Плат е една од најпознатите поетеси на 20 век, но нејзиниот единствен роман „Стакленото ѕвоно“, изврши неверојатно влијание во американската книжевност, а темите од книгата се секогаш актуелни и свежи и постојано поттикнуваат дискусија и реобмислувања, а овојпат приказната ќе оживее и на големото платно. Сите обожаватели на Плат се израдуваа на новостите дека во тек е снимањето на нова филмска екранизација на „Стакленото ѕвоно“ во режија на Сара Поли, додека во улогата на Естер Гринвуд ќе ја гледаме музичката сензација Били Ајлиш, за која ова ќе биде прва главна улога во долгометражен игран филм. Кери Малиган ќе ја толкува улогата на госпоѓа Гринвуд, мајката на Естер.

(извор: CASO)
Според достапните информации, снимањето започна во јуни и моментално се снима во Торонто, а првите фотографии од сетот веќе го привлекоа вниманието на јавноста. На нив Ајлиш е речиси непрепознатлива, со костими, фризура и шминка инспирирани 50. години на 20 век, периодот во кој се одвива приказната на Плат. Сара Поли, позната по филмот „Жените зборуваат“, за кој го освои Оскарот за најдобро прилагодено сценарио, е и сценаристка на новата екранизација.
Објавен во 1963 година, „Стакленото ѕвоно“ е единствениот роман на Силвија Плат и дело со силни автобиографски елементи. Романот првично бил објавен во Велика Британија под псевдонимот Викторија Лукас, само неколку недели пред смртта на Плат. Во средиштето на приказната е младата Естер Гринвуд, талентирана студентка и амбициозна писателка која добива престижна пракса во женско списание во Њујорк. Она што на почетокот изгледа како исполнување на нејзините амбиции постепено се претвора во чувство на отуѓеност и задушеност, а по враќањето дома Естер минува низ тешка психолошка криза. Преку нејзината приказна Плат пишува за депресијата, идентитетот, амбицијата и ограничувањата што општеството им ги наметнувало на младите жени во Америка од тоа време. Се работи за една одлична приказна и книга што веќе беше препорачана на блогот.
Ова нема да биде првата екранизација на книгата. Романот „Стакленото ѕвоно“ првпат беше екранизиран во 1979 година, во режија на Лари Пирс, со Мерилин Хасет во улогата на Естер Гринвуд и Џули Харис како нејзината мајка. Филмот, сепак, не успеа да го достигне статусот што романот го има во книжевноста и наиде на прилично остри критики. Подоцна имаше и други обиди книгата повторно да стигне на големото платно. Пред една деценија беше најавена екранизација што требаше да ја режира Кирстен Данст, со Дакота Фенинг како Естер, но проектот никогаш не беше реализиран и тому затоа новата верзија на Сара Поли привлекува особено внимание. „Стакленото ѕвоно“ во голема мера живее преку внатрешниот глас на Естер, нејзините набљудувања и постепеното менување на начинот на кој го доживува светот, што го прави романот особено предизвикувачки за филмска екранизација.
Засега нема дополнителни информации за тоа кога филмот ќе има своја премиера, но филмскиот и книжевниот свет веќе започнаа со дискусиите околу тоа во која насока би можело (или би требало) да се движи и филмот, а нам ни останува да чекаме да видиме за какво остварување се работи.
Извор: People
