Томан Ман е еден од најзначајните писатели на 20 век. Неговите дела како „Волшебниот рид“ и „Смрт во Венеција“ се дел од задолжителните четива во училиштата ширум светот, а тој ја добил и Нобеловата награда за книжевност во 1929 година. Но, освен тоа што бил извонреден писател, тој гласно се спротиставувал и на неправдите и опресијата на нацистичкиот режим. Во продолжение прочитајте кус осврт на неговиот живот инспириран од текст на „Дојче веле“.

Раниот подем на еден книжевен великан
Томас Ман е роден на 6 јуни 1875 година во Либек, во северна Германија, во трговско семејство. Растел со уште четири браќа и сестри, а уште како ученик ги напишал своите први прозни скици и есеи, иако еднаш повторувал година и бил оценет како само „задоволителен“ ученик по германски јазик. Неговите уметнички амбиции не се вклопувале во традиционалните вредности на тогашната граѓанска средина, а неговата љубов кон книжевноста го разочарувала татко му, успешен трговец. Борбата на овој чувствителен боем да го продолжи долгогодишниот семеен бизнис подоцна послужила како делумна инспирација за неговиот прв роман, „Буденброкови“.
По смртта на татко му во 1891 година, Ман го напуштил училиштето пред да го заврши средното образование и заедно со семејството се преселил во Минхен. Живеејќи од наследството што го оставил неговиот татко, наскоро почнал да работи како слободен писател, а воедно сонувал и да стане новинар. Кога наполнил 22 години, по престојот во Италија со својот брат Хајнрих, Ман започнал да го пишува „Буденброкови“, роман со поднаслов „Пропаѓањето на едно семејство“. Овој полуавтобиографски дебитантски роман, кој ја следи пропаста на едно богато трговско семејство, доживеал огромен успех и му овозможил на Ман отсега натаму целосно да живее од своето пишување. Набргу по успехот на „Буденброкови“, следувале нови дела. Во 1903 година ја објавил збирката новели „Тристан“, во која се наоѓа и една од неговите најпознати новели, „Тонио Крегер“, приказна што го истражува судирот меѓу уметникот и граѓанинот, духот и животот.
Војната, семејните несогласувања и политичкото будење
Во 1905 година Томас Ман се оженил со Катија Прингсхајм, ќерка на угледно и богато минхенско семејство на научници. Иако подоцна ќе стане познато дека Ман чувствувал привлечност и кон мажи, тоа, според биографите, не претставувало пречка за нивниот брак. Тие имале шест деца, а неколку од нив подоцна тргнале по стапките на својот татко и станале писатели.
Избувнувањето на Првата светска војна во 1914 година предизвикало длабок раздор меѓу Томас и неговиот брат Хајнрих Ман, кој веќе бил етаблиран писател. Додека Хајнрих јавно се спротивставувал на војната, Томас во почетокот ја поддржувал Германија и нејзината воена политика. Но неговите ставови постепено се менувале. До 1922 година, по поразот на Германија во војната и воспоставувањето на Вајмарската Република, Ман станал силен поддржувач на демократијата.
Во 1929 година ја добил Нобеловата награда за литература, што дополнително ја зацврстило неговата меѓународна репутација. Но, и пред почетокот на Втората светска војна, тој веќе ја препознавал опасноста што ја носел подемот на националсоцијализмот. Во 1930 година јавно се спротивставил на сè посилното нацистичко движење, одржувајќи страстен говор против авторитаризмот и во одбрана на социјалдемократијата.
Само еден месец по доаѓањето на Адолф Хитлер на власт во 1933 година, Ман решил да не се врати во Германија од својата предавачка турнеја низ Европа. Се преселил во Швајцарија, а наскоро му се придружило и семејството, откако нацистичкиот режим ја конфискувал нивната куќа во Минхен и ги замрзнал неговите банкарски сметки. Во егзил го објавил првиот том од монументалниот романски циклус „Јосиф и неговите браќа“, чии ракописи биле тајно изнесени од Германија. Во ова четиритомно дело Ман на нов начин ја обработува библиската приказна за Јосиф.
Откако во 1936 година јавно ги осудил нацистичките политики, режимот му го одзел германското државјанство, како и почесниот докторат што му го доделил Универзитетот во Бон. Покрај имотот, нацистите се обиделе да му го одземат и угледот, но не успеале да го замолчат еден од највлијателните европски интелектуалци на своето време.
Прогонството, гласот на отпорот и последните години
Во 1939 година, по германската окупација на Чехословачка, Томас и Катија Ман емигрирале во САД. Таму Ман станал професор на Универзитетот во Принстон. На прашањето од еден новинар како се чувствува како писател во прогонство, тој одговорил со зборови што подоцна станале симбол на неговиот однос кон татковината:
„Каде што сум јас, таму е Германија. Ја носам својата култура во себе.“
Од 1940 година па натаму, Ман преку месечните радиоемисии на Би-Би-Си им се обраќал на своите сонародници. Благодарение на британската радио-станица, неговите говори успевале да ја заобиколат нацистичката цензура и да стигнат до германската публика. Во повеќе од шеесет обраќања ги повикувал Германците да му се спротивстават на нацистичкиот режим, а отворено зборувал и за масовните убиства на Евреите, обидувајќи се да ја разбуди совеста на своите сограѓани.
По завршувањето на Втората светска војна, Ман ја објавил својата позната јавна порака „Зошто нема да се вратам во Германија“, во која тврдел дека германското општество мора да ја понесе одговорноста за злосторствата извршени за време на нацизмот. Овој став предизвикал бројни реакции. Дел од критичарите сметале дека, како човек кој го поминал воениот период во прогонство, тој нема право да суди за животот на оние што останале во Германија.
Неговите ставови останале контроверзни и поради изјавата дека бомбардирањето на германските градови било неизбежна последица на нацистичките злосторства. „Сè мора да се плати“, изјавил Ман. Истата идеја ја разработил и во романот „Доктор Фаустус“ (1947), во кој преку приказната за композиторот Адријан Леверкин, што склучува договор со ѓаволот, создава моќна алегорија за духовниот и моралниот пад на германското општество и условите што довеле до подемот на националсоцијализмот.
Но ниту животот во Америка не бил без предизвици. За време на антикомунистичката кампања во САД, Ман бил повикан да сведочи пред Комисијата за антиамерикански активности, каде што бил осомничен за комунистички симпатии. Во тоа време бил дури и јавно опишан како еден од најистакнатите интелектуалци кои наводно покажувале разбирање за политиките на СССР.
Во 1952 година ја напуштил САД. Наместо да се врати во тогаш веќе поделената Германија, избрал повторно да живее во Швајцарија. Починал на 12 август 1955 година во кантоналната болница во Цирих, на 80-годишна возраст.
Освен тоа што Томас Ман зад себе оставил неверојатно книжевно наследство, со својата бескомпромисна борба против фашизмот, одбраната на демократијата и убедувањето дека писателот има морална одговорност кон општеството, тој останува една од највлијателните интелектуални личности на модерната европска историја.
Извор: Deutsche Welle (DW) – Thomas Mann’s lasting literary legacy, Stefan Dege
